• сабота, 23 ноември 2024

Во Брвеница се пукало на семејна веселба, проектилот завршил во соседството, еден приведен

Во Брвеница се пукало на семејна веселба, проектилот завршил во соседството, еден приведен

Тетово, 25 јануари 2024 (МИА) - Полициски службеници на СВР Тетово, вчеравечер во 22 часот и 25 минути во тетовскoто село Брвеница лишиле од слобода 43-годишник од ова село затоа што на неговата семејна веселба околу 21 часот и 15 минути било пукано со огнено оружје, при што еден заталкан проектил завршил во куќата на 81-годишниот соселанец С.Т. и причинил оштетувања на дел од објектот. Притоа нема повредени лица, извршен е увид, а 43-годишникот е задржан во Полициската станица Тетово за целосно расчистување и документирање на случајот.

-Сeкторот за внатрешни работи Тетово со апел и потсетување до граѓаните дека самоволно пукање со огнено оружје на свадбени или други семејни свечености е спротивно на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и дека глобата за овој прекршок, согласно членот 31, се движи од 100 до 250 евра во денарска противвредност. Толку изнесува глобата согласно член 32 од истиот закон и за неовластено приредување огномети, факелијади и слични приредби. Во зависност од околностите и крајните последици, пукањето со огнено оружје може да претставува и кривично дело „предизвикување општа опасност“, за што според член 288 од Кривичниот законик предвидена е казна затвор од шест месеци до пет години, вели портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.

Полицијата на граѓаните им советува и задолжително да ги пријавуваат огнометите во најблиските полициски станици или одделенијата на подрачјето каде што се организираат, во зависност од нивната категорија, а организаторите навреме да ги спроведат  сите превентивни мерки за заштита на животот и имотот на сите присутни на свечености, но и воопшто. Потсетуваат дека СВР Тетово без исклучоци ефикасно ќе ги санкционира ваквите прекршоци со изготвување на соодветни поднесоци и со преземање на законски предвидените мерки. ас/дма/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан