Во Босна и Херцеговина на полноќ почнува изборниот молк
- На избирачкиот список се 3.368.666 гласачи, од кои 63.264 ќе гласаат преку пошта
Бања Лука, 30 септември 2022 (МИА) - Во Босна и Херцеговина на полноќ почнува изборниот молк, што ќе трае до затворање на избирачките места во недела. Тогаш се одржуваат општите избори, граѓаните бираат нови членови на Претседателството на БиХ, претседател на Република Српска, пратеници за парламентот на БиХ, Народното собрание на Република Српска, парламент на Федерацијата БиХ и за собранијата на десет кантони во Федерацијата БиХ.
На избирачкиот список се 3.368.666 гласачи, од кои 63.264 ќе гласаат преку пошта.
Од Централната изборна комисија на БиХ информираа дека на изборните листи ќе се најдат 127 политички субјекти, од нив 72 политички партии, 38 коалиции и 17 независни кандидати.
Како што пишуваат дел од медиумите, во центарот на фокусот е изборот на нови членови на Претседателството на Босна и Херцеговина, од кои бошњачкиот и хрватскиот член се избираат во Федерацијата БиХ, а српскиот во Република Српска.
За бошњачкиот член, битката е меѓу Бакир Изетбеговиќ, кандидатот на Партија на демократските акции и Денис Беќировиќ од Социјалдемократската партија на БиХ, кого го поддржаа и останатите опозициски партии во Федерацијата Босна и Херцеговина.
Во трката за хрватскиот член се Борјана Кришто, кандидатката на Хрватската демократска заедница на БиХ и Жељко Комшиќ од Демократскиот фронт.
Гласачите од Република Српска ќе може да бираат меѓу пет кандидати, а главни ривали се Жељка Цвијановиќ, кандидатката на Сојузот на независни социјалдемократи и Мирко Шаровиќ од Српската демократска партија.
Цвијановиќ во претходниот мандат беше на позицијата претседателка на Република Српска, додека лидерот на Сојузот на независни социјалдемократи, Милорад Додик беше српски член на Претседателството на Босна и Херцеговина.
Додик сега е во трка за претседател на РС, а од 31 кандидат за позицијата, за негов најголем противник се смета Јелена Тривиќ, кандидатка на ПДП и СДС - опозициските партии во Република Српска. бд/сд/