• вторник, 12 ноември 2024

Во Богота уапсен еден од лидерите на Балкански нарко картел

Во Богота уапсен еден од лидерите на Балкански нарко картел

Погорица, 8 октомври 2024 (МИА) - Еден од лидерите на Балканскиот нарко картел, литванскиот државјанин Вирџинијус Лабутис, за кого беше распишана црвена потерница, е уапсен на меѓународниот аеродром Ел Дорадо во Богота, јави црногорскиот портал Вијести.

Човекот идентификуван како одговорен за организирање пратки на кокаин од Латинска Америка до пристаништата во Ротердам во Холандија и Антверпен во Белгија, бил приведен во акција на Националната полиција на Колумбија, американската Агенција за борба против дрога (ДЕА) и агенти на Интерпол.

- Тој се бара во повеќе од 195 земји во светот „за злосторства поврзани со трговија со дрога“ и е поврзан со опасниот балкански картел, изјави полковникот Гонзало Кордоба од колумбискиот Интерпол.

Според официјалните податоци, Лабутис е еден од водачите на ќелијата на балканскиот картел, основана во Јужна Америка.

Според информациите до кои дојде Вијести од извор од службата за безбедност, Лабутис бил задолжен за набавка на кокаин и организирање на пратки со наркотици скриени во контејнери со овошје, особено банани.

Дрогата што ја испраќал најмногу до пристаништата во Ротердам и Антверпен ја дистрибуирал во други европски и азиски земји.

– Во последните неколку месеци во Јужна Америка беа уапсени некои од клучните луѓе на балканскиот картел. Пред да биде лишен од слобода Лабутис, на крајот на септември, Даџиберт Торес Росаријо, клучен играч во операциите за дрога на картелот, беше уапсен на меѓународниот аеродром Ел Дорадо во Богота. Тој со години беше главната врска за многу пратки кокаин испратени од Балканскиот картел од пристанишните терминали во Гвајакил до Пиринејскиот Полуостров. Шпанските власти го бараа Торес поради сомневање дека тој бил главниот контакт за испраќање на повеќе од 2,5 тони кокаин, кој бил испорачан од еквадорските пристаништа во контејнери со овошје до пристаништата во Шпанија помеѓу 2020 и 2022 година. Еден месец пред тоа, Адмир Тутај, по потекло од Албанија, исто така важна алка во нарко картелот од Балканот, беше уапсен на аеродромот Ернесто Кортисоз во Баранкила. Апсењето на Лабутис, додека тој најверојатно се подготвувал да испрати уште едно големо количество кокаин од Еквадор во Европа, им нанел многу значаен удар на криминалците од тој клан - изјави соговорник на Вијести од странска безбедносна служба.

Тој објасни дека Лабутис има разгранета мрежа на соработници во Латинска Америка, меѓу кои има и неколку Црногорци и државјани на земјите од поранешна Југославија.

Истиот соговорник рече дека истражните тимови успеале да откријат дека членовите на таа организација, за да избегнат гонење, комуницирале за криминални активности преку шифрирани апликации.

- Лабутис пристигна во Колумбија од Доминиканската Република и имаше резервирано два лета - едниот до градот Меделин во Антиокија, а другиот до Гвајакил во Еквадор. Веруваме дека тоа биле базите од кои требало да обезбеди барем уште една пратка кокаин. Ова го покажуваат разузнавачките податоци, кои исто така велат дека кланот од Балканот во Колумбија одржува врски со дисидентските групи на поранешните герилци на Револуционерните вооружени сили на Колумбија (ФАРК) и други криминални групи поврзани со трговија со дрога. Кога станува збор за Лабутис, тој ќе биде депортиран во родната земја, која исто така го бара за шверц на дрога - вели соговорникот за Вијести.

Полковник Гонзало Кордоба, началник на колумбиската национална централна канцеларија на Интерпол, изјави дека операцијата во која е уапсен Лабутис била координирана меѓу доминиканските и колумбиските власти, Интерпол, американската ДЕА и колумбиската полиција за борба против наркотици.

- Оваа акција ја ослабува криминалната структура на балканскиот картел на кој му припаѓа Лабутис, изјави Кордоба.

На почетокот на новиот милениум, балканскиот картел ја зацврсти својата позиција како еден од главните актери во трговијата со кокаин во Европа.

Оваа криминална група, составена главно од криминалци од територијата на поранешна Југославија и албанската мафија, во последната деценија успеала да воспостави контрола над приближно половина од кокаинот што влегувал на стариот континент.

Според разузнавачките податоци, тие имаат директни врски со производители на кокаин во Латинска Америка, а користат стратешки пристаништа во Шпанија, Холандија, Италија и Црна Гора за шверц на оваа дрога во Европа...

- Покрај соработката со локални организирани криминални групи од Латинска Америка, балканскиот картел во својот криминален бизнис соработува со Холанѓаните, Швеѓаните, кинеските тријади, Израелците, Италијанците... Речиси со сите. Тоа им овозможило да основаат свои ќелии од двете страни на Атлантикот, изјави за „Вијести“ извор од странската безбедносна служба.

Истиот соговорник објасни дека корените на балканскиот картел датираат неколку децении наназад, а понекогаш се потпирале и на криминалните активности на кланот Америка.

Ја искористија политичката и економската нестабилност во земјите од поранешна Југославија, од која потекнуваат повеќето, и формираа мрежа за шверц на дрога во Европа, со криминални ќелии во Јужна Америка, вели истиот соговорник за црногорски Вијести. ссм/

фото: Интерпол

Остани поврзан