• среда, 25 декември 2024

Во БиХ обвинети вкупно 21 физичко и правно лице поради издавање на лажни дипломи

Во БиХ обвинети вкупно 21 физичко и правно лице поради издавање на лажни дипломи

Бања Лука, 3 јули 2024 (МИА) – Обвинителството на Босна и Херцеговина поднесе обвинителен акт против 21 физичко и правно лице, кои се обвинети за здружување за кривични дела, коруптивни дејствија и издавање лажни дипломи.

Помеѓу обвинетите се и ректорот на Независниот универзитет Бања Лука, поранешниот косопственик на Високата школа за применети и правни науки „Прометеј“ Бања Лука, вршителот на должност ректор на Универзитетот за модерни науки „ЦКМ“ од Мостар и директорот на Високата школа „Унион“ од Мостар и поранешниот ректор на Универзитетот за бизнис инженерство и менаџмент „ПИМ“ од Бања Лука и други вработени во наведените институции.

Обвинителството на БиХ поднесе обвинение и против шест правни лица – Независниот универзитет за политички и општествени науки „НУБЛ“ Бања Лука, Колеџот за применети и правни науки „Прометеј“ Бања Лука, Универзитетот за бизнис инженерство и менаџмент во Бања Лука „ПИМ“, Универзитетот „Викторија меѓународен универзитет“ Мостар како правен наследник на Универзитетот за современи науки „ЦКМ“, Универзитетот „Унион“ од Мостар и Меѓународниот универзитет Дистрикт Брчко од БиХ.

Обвинителството на БиХ изминатите две години спроведе истрага за издавање лажни дипломи на овие универзитети и според собраните докази утврди дека незаконски се издадени најмалку 49 дипломи за високо образование.

Обвинителството на БиХ и Агенцијата за истрага и заштита на БиХ (СИПА) собраа докази дека лицата кои незаконски купиле дипломи, во многу мала мера, па дури и воопшто, не учествувале во процесот на образование на високообразовните институции, а за набавка на незаконски дипломи најчесто плаќале суми од неколку илјади евра, се наведува во обвинението.

Обвинителството на БиХ најави дека ќе побара на обвинетите да им биде изречена забрана за вршење на должноста во високообразовните институции. Сите обвинети претходно беа уапсени во случајот „Кластер“, а Судот на БиХ по ослободувањето на повеќето од нив им изрече забрана.

Остани поврзан