• понеделник, 24 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Во Битола се одржа студентска конференција „Дигитална слобода и родова еднаквост: Скини ги синџирите на онлајн насилството“

Во Битола се одржа студентска конференција „Дигитална слобода и родова еднаквост: Скини ги синџирите на онлајн насилството“

Битола, 10 март 2025 (МИА) - Здружението за еднакви можности мрежа „Стела“ во рамки на регионалниот проект „Во одбрана на правото да се биде свој“ денеска на Правниот факултет во Битола и со поддршка на француската амбасада во Скопје, одржа студентска конференција со цел да ги запознаат студентите за родово базирано насилство.

Според Марта Стефковска, специјалистка за комуникации во мрежа „Стела“, постојат разни форми на родово базирано насилство особено во дигиталниот простор.

-Студентите треба да знаат да препознаат како да адресираат родови дезинформации кои во денешно време постојано се шират во онлајн просторот, потоа борба против лажни вести, говор на омраза и слично затоа што младите се цел на овие дезинформации и на дигитално родово базирано насилство, истакна Стефковска.

Во рамки на конференцијата, на студентите им беше презентиран Прирачник за распознавање и заштита од родови дезинформации и родово базирано насилство со опфат на правната рамка и начин на заштита на младите од овој тип родово насилство, чиј автор е универзитетската професорка Ангелина Станојоска.

-Со овој проект сакаме да ја подигнеме свеста кај младите лица за постоењето на родово базирано дигитално насилство кое се повеќе не’ опкружува. Досегашното насилство на улиците, во училиштата или пак во домовите, сега се пренесе насекаде околу нас или секаде каде што се движиме со нашиот мобилен телефон, преносливи компјутери и слично. Секој има можност да ни испрати некоја порака што ќе содржи некоја форма на родово базирано дигитално насилство. Во вакви ситуации можна е злоупотреба на слики, злоупотреба на слики со сексуална содржина, слики кои што се монтирани и не постојат во реалниот свет, а со цел да го нарушат угледот пред се на жените и девојчињата што ќе резултира со отстранување од јавниот простор. Ние мора посериозно да го разбереме ова насилство, да видиме каде се случува, да го препознаеме, а потоа и да се заштитиме. Системот за заштита е сеуште слаб и недоволно го препознава овој вид на насилство, а вработените во релевенантни институции се недоволно запознати за начинот на постапување и затоа е добро што со превенција можеме да придонесеме за регулирање и заштита од ова насилство, посочи Љупка Трајановска, проектна координаторка во менторската мрежа „Стела“.

На студентската конференција „Дигитална слобода и родова еднаквост: Скини ги синџирите на онлајн насилството“ говореше и Наташа Беќирова, психолог и семеен советник која работи во женски центар за поддршка-Битола, а нејзин фокус беа младите девојки и жени кои како што рече, треба да знаат како родовото базирано насилство влијае врз нивното ментално здравје.мт/

Фото: МИА

Остани поврзан