• среда, 25 декември 2024

Во Бигорски се очекува масовно присуство на верници на денот на патронот  

Во Бигорски се очекува масовно присуство на верници на денот на патронот  
Дебар, 8 септември 2022 (МИА) -  Познатиот Бигорски манастир се подготвува за одбележување на главната слава, отсекувањето на чесната глава на неговиот славен патрон и небесен застапник, великиот пророк, претеча и крстител Господов Јован. Во пресрет на главната манастирска слава свештената Бигорска обител, упати покана за достојно и со почит одбележување на патронот. - Славното Бигорско светилиште, кое низ вековите било и останало гордост и пофалба на нашите предци и столб на нивната православна вера и самобитност, особено за жителите на овие краишта, и денес со истата ревност продолжува да сведочи за евангелската вистина и да ја јакне верата на народот. Затоа, да ја покажеме и ние должната почит кон Светиот Јован Крстител и нашата пожртвувана љубов кон неговото вековно Светилиште, стекнувајќи го на тој начин благословот на Светиот Претеча. Ја имаме големата чест и радост, во името на Христовиот Пророк и Крстител, да ги поканиме сите благочестиви Христијани и почитувачи на свештеното дело на Свети Јован, да се присоединат кон неговото големо торжество, бидејќи тој, во денот на својот најголем празник – Усекновение на неговата глава, стои во објавата на манастирот. Одблежувањето почнува на 10 септември, сабота во 16 часот со малавечерна богослужба, во 17 часот трпеза за гостите што престојуваат во манастирот а во  19:30 часот – духовна трпеза за верниците и љубителите на Свети Јован Претеча, односно празнично повеќечасовно бдение, со Повечерие, Вечерна, Утрена и Часови, на кое ќе претстои старецот и игумен на Бигорската обител, неговото преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј. На денот на патронот недела, 11 септември во 8:45 часот – пречек на надлежниот митрополит дебарско-кичевски, неговото високопреосвештенство г. Тимотеј и на некогашниот собрат на Бигорската обител, митрополитот тетовско-гостиварски, неговото високопреосвештенство г. Јосиф. Во 9 часот почнува света архиерејска Златоустова Литургија. Манастирот е основан во 1020 година и е посветен на Крстителот Господов, Свети Јован за кого Господ Исус Христос рекол дека меѓу родените од жена нема поголем од него. По две години помало присуство, поради пандемијата и антковидмерките вечерта, спроти празникот се очекува во Бигорски да има повеќе стотици верници, од сите делови на нашата држава. вт/мс/  

Остани поврзан