• среда, 25 декември 2024

Во Бигорски манастир промоција на две книги на авторката Билјана Андоновска

Во Бигорски манастир промоција на две книги на авторката Билјана Андоновска
Дебар, 16 април 2022 (МИА) - Во Бигорски манастир денеска, во празничното ликување за Лазаревото воскресение,  беа промовирани две книги на авторката Билјана Андоновска од Битола. Промоцијата се одржа во просторната одаја за свечености во манастирот, во присуство на игуменот на манастирот, епископ г. Партениј, архимандрит Доситеј, монаси и монахињи, како и голем број верници и љубители на убаво напишаниот збор. Беа промовирани романизираната биографија на преподобниот Јоаникиј Ракотински" Со вера и трпение, до чудесни исцеленија" и поетската збирка "Каде е Бог?". -Како домаќин на оваа промоција, сакам да ја изразам својата огромна радост и задоволство, што денеска го промовираме првиот роман посветен на Свети Јоаникиј Ракотински. Па така, уверен сум дека Свети Јоаникиј ја избрал нашата Билјана, за да ѝ говори во срцето нејзино, та таа да го напише овој прекрасен роман, кој е уште една прослава за Преподобниот, уште едно сведоштво за неговата светост. Се надевам дека оваа книга уште повеќе ќе го доближи до луѓето животот на овој голем Светител, кој, како што вели Билјана, е помеѓу нас – дејствува и чудотвори, рече меѓу другото г. Партениј. Реализатор на промоцијата беше писателката и поетеса Вера Благојевиќ, која е и автор на освртот за книгите. - Слободно можам да кажам дека овој ракопис е ремек дело.Романот има опоен мирис на сув босилек и додека го читав, како да го почувствував и мирисот на темјанот од црковните кадилници. Љубовта на авторката е и моја љубов, нашата убава православна вера, црквите и манастирите и сите наши светии, рече Благојевиќ. Зборуваше и авторката на денеска промовираните книги. -Долго време во мене тлееше желбата да напишам роман, но ете Божја промисла било да се случи токму сега и токму за свети Јоаникиј Ракотински. Романот го замислив како сликовница за возрасни. Се трудев да пишувам што поедноставно, воопшто читателот да не се труди да чита помеѓу редови. Првенствено овој роман е наменет до читателите кои не се доволно запознаени со прекраснотиите на нашата православна вера. И целта е што повеќе луѓе да се приближат кон нашата најпрекрасна православна вера, рече меѓу другото авторката Андоновска. Легендата на македонската музика Драган Мијалковски,  со својата гитара изведе неколку песни а ги прочита и рецензиите на книгите. вт/аа/

Остани поврзан