• четврток, 26 декември 2024

Во беровско Русиново почнуваат Трујчинденски Русински Средби 2024

Во беровско Русиново почнуваат Трујчинденски Русински Средби 2024

Берово, 23 јуни 2024 (МИА) - Света Троица како верски празник за жителите на беровското село Русиново има посебно значење. Овој празник кој се смета како роденден за христијанството, меѓу жителите се слави како селска слава, со тоа што се пречекуваат гости од околните населби и пошироко. 

Во 2019 година жителите формираа Здружение на граѓани „Св.Троица“ – Русиново кое има за цел да ја организира прославата наречена Трујчинденски Русински Средби. Манифестацијата, како што вели Васко Мадевски, претставник на здружението, предвидива богата музичка програма со учество на естрадни уметници од државата и настап на музичари по потекло од село Русиново. 

-Самиот празник Св.Троица или Трујчинден, трае три дена, а в понеделник пречекуваме гости со пиење и богат ручек. Во текот на славењето се одржува и турнир во мал фудбал, и сите тие содржини се причина што поголем број на Русинци да дојдат и да бидат дел од оваа Русинска средба. Веруваме дека и оваа година оваа манифестација ќе биде помасовна и ги покануваме сите домаќини и гости да ја проследат програмата која е поделена во две вечери, вели Мадевски. 


Порано за овој настан, како што додава, се приредувале големи веселби со зурли и тапани на сретсело. 

-Оваа традиција полека ја снемува, а сега сакаме да го обновиме тоа на подруг начин. Тешко е да се организира ваков настан и да се направи таква манифестација, бидејки требаат финансии. Затоа имавме повик за донации и благодариме на сите кои се одзваа на повикот. Ние секогаш очекуваме што повеќе гости и од година во година сметаме дека манифестацијата ќе биде што побогата и со културни настани и со народ, додава Мадевски. 

За овој настан имаат поддршка од  Благој Механџиски Зегин, кој потекнува од ова село, а имаат донации и од други донатори на кои јавно им се заблагодаруваат. Село Русиново е едно од поголемите села во Беровско. Порано броело повеќе жители од градот Пехчево, но и овде белата чума си го зема данокот, па бројот на жители поради миграцијата е намален. вс/мд/

Фото: МИА

 

Остани поврзан