• сабота, 21 декември 2024

Во Берово пуштена во употреба новоизградената улица ,,Жан Кофол”

Во Берово пуштена во употреба новоизградената улица ,,Жан Кофол”
Берово, 25 мај 2022 (МИА) - Во Берово денеска е пуштена во употреба новоизградената улица „Жан Кофол“. Улицата е именувана по прерано загинатиот пожарникар од Словенија, кој загина веднаш по враќањето во родното место, по доброволниот придонес во Берово и Малешевијата во гаснење на пожарите кои избувнаа во август 2021 година. На пуштањето во употреба на улицата присуствуваа родителите и роднини на Кофол, припадникот на доброволното противпожарно друштво од Словенија, Дани Болтар, кој заедно со Кофол, учествуваше во гаснење на пожарите, советниците од Советот на општина Берово, пожарникари од ТППЕ Берово и граѓани. Градоначалникот на Берово Звонко Пекевски заедно со родителите на Кофол ја пушти во употреба улицата, спуштајќи го платното на кое беше напишано „Улица на пријателство“. Истакна дека Кофол ќе остане вечно запаметен во Берово и Малешевијата, не само со именување на улицата, туку и по неговата храброст и пожртвуваност и по неговиот доброволен придонес во гаснењето на пожарите кои избувнаа во август 2021 година. -Во името на Општината и Советот на Општина Берово да им посакам на граѓаните да ја користат новата улица и сакам секогаш да го има во вашите срца името на почитуваниот пожарникар Жан Кофол. Со тоа да му оддадеме спомен и едноставно секој пат, поминувањето по улицата да ни буди спомени за неговото дело и неговата пожртвуваност која ја даде, во пожарите кои ги зафатија општините Берово, Пехчево и Делчево во август 2021 година, рече Пекевски. Родителите  на Кофол упатија благодарност до градоначалникот за преубавиот гест, кој го направи, преку кој името на нивниот син вечно ќе стои на улицата во Берово и секако до сите, кои на некој начин придонесоа улицата да биде преименувана. -Навистина сме пријатно изненадени и нашите чувства за сето она што е направено се неопишливи, голема благодарност за се. Сакаме да потенцираме дека тој донесе само пријатни моменти од Берово и од Малешевијата, особено беше изненаден од гостопримливоста на луѓето тука, додаде семејството на Кофол. Дани Болтар, пожарникар кој заедно со загинатиот Кофол учествуваа во гаснењето на пожарите во Малешевијата и Пијанец додаде дека Кофол бил истакнат пожарникар уште од млади години. -Тој беше во нашата противпожарна куќа, нашето противпожарно друштво уште од млади години, каде последните две години беше претседател на младинската комисија која врши дејности во соработка со учениците кои доаѓаат во посета на нашата противпожарна куќа, рече Болтар. Во чест на постхумно одликување, кон ликот и делото на Жан Кофол, на средбата со родителите, која претходеше, Пекевски им додели слика со ликот на прерано загинатиот пожарникар испреплетена со мотиви од Берово и ги запозна со текот на самата иницијатива која добила поддршка од општинската администрација и Советот. Жан Кофол го загуби животот во сообраќајна несреќа, во близина на Нова Горица, на 28 септември, еден ден по неговиот 20-ти роденден и само еден месец по враќањето од доброволната мисија во Малешевијата, каде што беше меѓу најмладите доброволци, кои пристигнаа од Словенија и со денови учествуваше во гаснењето на пожарите. вс/мд/

Остани поврзан