• вторник, 24 декември 2024

Во Берово отворен „Етно Плоштад Фестивал 2022“

Во Берово отворен „Етно Плоштад Фестивал 2022“
Берово, 26 август 2022 (МИА) - Во Берово започна „Етно Плоштад Фестивал 2022“, манифестација која заедно со Саемот на Малешевски производи по пауза од две години поради КОВИД-19 пандемијата повторно се одржува на Градскиот плоштад.
Фестивалот за отворен го прогласи градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски, кој ја најави богатата тридневна музичка програма потпомогната од неколку општествено одговорни фирми.
-Етно Плоштад фестивалот и Саемот на локални производи ,,Малешевијата на дланка" претставуваат нераскинлив спој на традиционалното со модерното,  преку што,  се вреднува вложената енергија и креативниот напор, во создавање на трајни вредност и се отвара можност, присутните  да се запознаат со значењето на  традицијата на ова поднебје, со продуктите кои се негуваат, со македонските песни и ора,  кои се пренесуваат од  колено на колено и градат убави спомени, вредни за памтење, рече Пекевски.
Градоначалникот на Берово изрази уверување дека овој настан, ќе допринесе во културниот развој на градот и ќе внесе позитивна енергија особено за младата популација.
Во рамки на првиот дел од програмата вечерва настапија КУД ,,Димитар Беровски’’, КУД ,,Љубомир Ивановиќ Геџа", додека во вечерниот дел од „Етно плоштад Фрстивал“ ќе настапат групата „Штекица“, Антонија Гиговска и Акапулко бенд.
Настанот во чии рамки се одржа и детскиот фестивал ,,Малешевско Ѕвонче" се реализира со поддршка на Министерството за култура на РСМ и генералните спонзори Авиатор ДООЕЛ Скопје и Жито Малеш - Берово. вс/дма/

Остани поврзан