• сабота, 23 ноември 2024

Во Берово отворен дводневниот уметничко-книжевен фестивал „МалеМале“

Во Берово отворен дводневниот уметничко-книжевен фестивал „МалеМале“
Берово, 30 јули 2022 (МИА) - Во Берово започна дводневниот уметничко-книжевен фестивал „МалеМале". Како што истакна Тања Аждерска - Павлеска, еден од иницијаторите за одржување на фестивалот, целта на настанот е враќање кон корените преку развигорување на културно-уметничкиот дух на Малешевијата. -Мој мотив за организацијата е долгот кој го чувствувам од моите животни учители, моите родители кои потекнуваат од Берово, па се до моите деца. Во оваа пригода го издвојувам името за мене на еден посебен учител, тоа е Здравко Бошнаковски кој повеќе не е меѓу нас, човек од кого научив дека животот е многу едноставен, со несебичното кое го правиме со нашите дела, рече Аждерска Павлеска.   Фестивалот за отворен го прогласи градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски кој истакна дека со првото издание на овој фестивал се испишува уште една културна страница во Берово и Малешевијата. -Горд сум што во идејата за ваквата манифесстација е вклучена Тања Аждерска. Се надевам дека овој фестивал ќе стане препознатлива манифестација во регионот и ќе го развигори поетскиот дух на организаторите, рече Пекевски.   Во рамки на настанот беше отворена изложбата на цртежи од Владимир Лукаш, а на поетското читање се претставија, Владимир Мартиновски, Никола Маџиров, Тихомир Јанчовски, Перица Сарџоски, Владимир Лукаш, Ана Голејшка-Џикова и Горазд Кени Китановски. Фестивалот утре продолжува во Пехчево со  промоција на книгата „Зборка“ од авторот Тања Аждерска Павлеска, како и поетско читање со учество на домашни автори. вс/лв/  

Остани поврзан