• недела, 24 ноември 2024

Во Берово започна Етно плоштад фестивалот и Саемот на традиционални производи ,,Малешевијата на дланка”

Во Берово започна Етно плоштад фестивалот и Саемот на традиционални производи ,,Малешевијата на дланка”

Берово, 23 август 2024 (МИА) - Во Берово започна 14-тото издание на Етно плоштад фестивалот и Саемот на традиционални производи „Малешевијата на дланка”. Фестивалот беше отворен со раскошно и богато дефиле на културно - уметнички друштва, низ центарот на Берово, а во рамки на трите фестивалски вечери ќе настапат играорци и уметници, од земјава и пошироко.

Целта на настанот, како што рече градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски, е да се збогати културно-забавниот живот во Берово, а воедно и презентација на националната традиција, фолклорното богатство и култура.

- Саемот на традиционални производи и Етно плоштад фестивалот,  не обврзуваат и во иднина да ги вложуваме сите своите напори, да си ја зачуваме традицијата, да продолжи да биде место каде што чесно и објективно ќе се вреднува вложената енергија. Сето тоа како еден креативен напор во создавањето на трајни вредности и нивно негување, промовирање и зачувување на културното наследство и промоција на локалните производи во насока на поттикнување на локалниот економски развој, рече Пекевски на отворањето на фестивалот упатувајќи посебна благодарност до главните покровители на манифестацијата Министерството за култура  и на две локални фирми.

Во рамки на првата вечер од Етни плоштад фестивал вечерва настапуваат Староградски оркестар ,,Беровски тамбураши", Етно група „Брус" од Општина Брус, Србија, КД „Јанки Дивјак" од Словенија, КУД „Љубомир Иванович - Геџа” од Србија, КУД „Димитар Беровски" од Берово, КУД „Мирка Гинова” од Демир Капија и Здружение на пензионери од Берово. 


Во рамки на настанот ќе се одржи и Фестивалот на детски песни „Малешевско ѕвонче”, а свој настап ќе има и Kaja Климпер –балет, диџеј Бони и  Теодора Сретеновиќ. 

Главна ѕвезда на овогодинешниот Етно плоштад фестивал е Јелена Розга, која ќе настапи во недела, на 25 август. вс/вг/


Фото: МИА

Остани поврзан