• вторник, 24 декември 2024

Во Белград утре почнува Третиот меѓународен саем за вино, храна, ракија и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“

Во Белград утре почнува Третиот меѓународен саем за вино, храна, ракија и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“

Белград, 21 ноември 2024 (МИА) - Во Белград од утре до недела 24 ноември ќе се одржи Третиот меѓународен саем за вино, храна, ракија и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“, со 650 изложувачи од 38 земји, јави дописникот на МИА од Белград.

Според соопштението на српската влада, првиот ден од „Винската визија на Отворен Балкан“, во петок, 22 ноември 2024 година, ќе биде отворен само за претставници на медиумите и професионалните посетители, додека Саемот ќе ги отвори портите за граѓаните следниот ден, сабота, 23.11.2024 година во 10 часот.

За време на „Винската визија на Отворен Балкан“, Белградскиот саем ќе собере повеќе од 650 изложувачи од бројни винарии, дестилерии и гастрономски компании од 38 земји, меѓу кои: САД, Франција, Австралија, Холандија, Јужна Африка, Либан, Мексико, Португалија, Швајцарија, Тунис, Уганда, Обединетото Кралство и други земји. На овој начин Белград ќе биде во фокусот на европската и светската јавност како главен град на виното и гастрономијата.

Еден од најатрактивните сегменти на саемот ќе биде доделувањето на „ Винскиот трофеј на Отворен Балкан“, што ќе се одржи на 23 ноември. Тогаш ќе бидат прогласени најдобрите вина на фестивалот, а жирито составено од 26 меѓународни вински експерти, меѓу кои и шестмина носители на титулата „Мастер на виното“, ќе оцени речиси 1.000 примероци вино.

Ќе се оценуваат вината од Србија, Северна Македонија, Албанија и други балкански земји, а најдобрите примероци ќе бидат наградени со златни, сребрени и бронзени медали. Исто така, за вината на членовите на Иницијативата Отворен Балкан ќе бидат доделени национални трофеи.

Покрај тоа, посетителите ќе можат да уживаат и во Гастро театарот - презентација на најдобрите ресторани и хотели од Србија, Северна Македонија и Албанија, каде што ќе се подготви комплет мени од три јадења во комбинација со вина избрани од најдобрите сомелиери од Србија.

Гости на Белград ќе бидат и лидерите на кулинарската и прехранбената индустрија: британскиот готвач и амбасадор на британската кујна Алан Коксон, главниот готвач и сомелиер Драган Униќ, вториот потпретседател на Светската асоцијација на мајстори на готвачи Даниел Ајтон, познатиот италијански готвач Џанлука Томази, како и директорот на Кулинарската олимпијада Даниел Шаде.

Централното место на Белградскиот саем ќе го заземе заедничкиот штанд на трите национални туристички организации на земјите од Отворен Балкан, каде заеднички ќе ја презентираат туристичката понуда и културното наследство на сите три земји. об/цр

Фото: МИА архива

Остани поврзан