• среда, 25 декември 2024

Во Белград протест „Србија против насилството“ со блокада на зградата на претседателот на Србија

Во Белград протест „Србија против насилството“ со блокада на зградата на претседателот на Србија

Белград, 3 јуни 2023 (МИА) - Во Белград вечерва проевропската опозиција по петти пат одржува протест овој пат под слоганот „Србија против насилството“, јави дописникот на МИА од Белград.

Протестот се одвива во мирна атмосфера, на него има повеќе десетици илјади граѓани исто како и на претходните протести и тој се одвива во форма на протестна прошетка од Народното собрание низ центарот на Белград во вид на голем прстен околу зградата на претседателството на Република Србија на Андриќев венац, која е блокирана за сообраќај.

Организаторите овојпат ги повикаа граѓаните да понесат по еден цвет и да го остават пред Народното собрание, за да се покаже почит кон жртвите на масовните убиства овој месец.

На протестот овојпат говореа познати српски актери и новинари, како реакција на нападите кон нив од страна на владеачаката партија-СНС, меѓу кои беа Светлана Цеца Бојковиќ, Хаџи Ненад Маричиќ, Иван Ивановиќ, Зоран Кесиќ, Драган Бјелогрлиќ и други.

Актерката Светлана Цеца Бојковиќ потсети дека мирните протести траат еден месец и порача дека „по еден месец е време да се каже нешто“.

-Секогаш кога доаѓавме во страшни ситуации, бевме обединети, без разлика на сите наши разлики во политичка смисла, рече таа и порача „сите треба да се обединиме и да бидеме заедно“.

На граѓаните пред Собранието им се обрати Иван Ивановиќ кој рече дека луѓето што шетаат сакаат само нормален живот, додека авторот на емисијата 24 минути Зоран Кесиќ на насобраните им се обрати со зборовите „добровечер хиени и мршојадци“.

- Верувавме во 96-та дека можеме да го промениме светот, а потоа се претворив во некој намќорест старец кој жали за Белград кој повеќе не постои, кој страда за некоја енергија што се трошела, а пред еден месец се извлеков од таа неопислива болка која никогаш нема да исчезне, се случи сочувство, емпатија, која се претвори во гнев, а потоа од гнев се создаде физичка потреба нешто веднаш да се промени токму сега, рече Кесиќ.

Актерот Драган Бјелогрлиќ им порача на насобраните дека денес му се чини оти ги има повеќе од кога било.

-Им должиме на децата од Рибникар, имаме долг кон нив, да ја обезбедиме вистината и правдата, да им обезбедиме и да создадеме општество кое не бевме во можност да им го обезбедиме во текот на нивниот живот. Тоа е долг што треба да го платиме кон нив, кон секое дете во Србија и на крајот кон нас самите, рече тој.

Запомнете, рече тој, „Србија не е малку и ваша, таа е ваша. Се гледаме следната недела“, рече тој.

На протетот повик упатија -Демократската партија, Народната партија, Зелено- левиот фронт, Не го даваме Белград, партијата Заедно, Партијата за слобода и правда, Движењето на слободни граѓани, Синдикатот Слога и Движењето за пресврт.

Барањата на протестот се: смена на Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми, затворање на печатени медиуми и таблоиди кои објавуваат лажни вести, невистини и континуирано го кршат новинарскиот код, одземање на националните фреквенции од телевизиите кои ги залудуваат граѓаните, трујат и промовираат насилство, како што се Пинк и ТВ Хепи, оставка на министерот на полицијата Братислав Гашиќ и шефот на безбедносната агеција Александар Вулин, итно укинување на програмите кои промовираат насилство, неморал и агресија на телевизиите со национална фреквенција, како што се реалните шоуа. об/ев/

Остани поврзан