• среда, 25 декември 2024

Во Албанија продолжена забраната за собири, досега вакцинирани над 44 илјади лица

Во Албанија продолжена забраната за собири, досега вакцинирани над 44 илјади лица
Тирана, 20 март 2021 (МИА) - Албанската министерка за здравство Огерта Манастирлиу информираше дека одлуката за забрана за собирања и митинзи продолжува до 25 март, јави дописничката на МИА од Тирана. Според неа, дали забраната ќе биде продолжена и по овој датум, ќе се знае во средината на следната недела, кога Комитетот на експерти за справување со пандемијата ќе ја анализира епидемиолошката состојба со Ковид-19. Ова доаѓа откако некои политички партии побараа олабавување на забраната за собири и митинзи во рамки на изборната кампања за изборите на 25 април. Во земјата и понатаму полицискиот час, воведен на почетокот на ноември, трае од 20:00 до 6:00 часот. - Во земјата продолжува процесот на имунизација против опасниот вирус. Денеска се вакцинирани 3.509 лица или вкупно досега 44.830 здравствени работници, постари лица од 80 години и просветни работници. Многу наскоро очекуваме пратка од 60 илјади вакцини, кога ќе почне вакцинацијата на припадниците на полицијата и армијата, како и на лица постари од 60 години, најави министерката. Во меѓувреме, Министерството за здравство информираше дека во изминатото деноноќие регистрирани се нови 519 случаи, од направени 3.251 тестирање, што е 15 отсто од тестираните, оздравеле 617, а починале 11 лица. Меѓу починатите е и докторката Валентина Лиле, познат албански ендокринолог, со што бројот на починати лекари ја надмина бројката од 40. Како последица на Ковид-19 починал и генералот Ндричим Салаку. Познати епидемиолози и инфектолози и понатаму бараат од Владата да се зголеми бројот на тестирани на дневно ниво и додаваат дека тој број би требало да биде над осум илјади тестови. вт/

Остани поврзан