• сабота, 23 ноември 2024

Во Албанија почна задолжителната вакцинација на универзитетските професори и студентите 

Во Албанија почна задолжителната вакцинација на универзитетските професори и студентите 

Тирана, 20 септември 2021 (МИА) - Врз основа на одлуката на Комитетот на експерти денеска почна задолжителната вакцинација против Ковид-19 за студенти и професори на сите универзитети во Албанија, јави дописничката на МИА од Тирана.

Веста ја објави министерката за здравство Огерта Манастирлиу, наведувајќи дека овој процес се реализира како една гаранција повеќе за новата академска  година.  

- Вратите на универзитетите се отворија порано, за да се вакцинираат професорите и студентите, како дополнителна гаранција за подобар тек на новата академска година што е на прагот. Со нашата програма за вакцинација во заедницата, започнавме со овој процес, со нашите медицински тимови во секој универзитет во земјата, напиша Манастирлиу во објавата.  

Новата академска година во земјата почнува на 11 октомври до кога  студентите и професорите мора да бидат имунизирани  против вирусот.  

Премиерот Еди Рама пред неколку недели напомена дека студентите мора да се вакцинираат доколку  сакаат да влезат во универзитетите. 

Тој и денеска преку објава на Фејсбук упати порака за подигање на свеста за вакцинација на студентите, постирајќи притоа фотографии каде се вакцинираат нивни колеги. 

- Ве потсетувам дека вакцинацијата е задолжителна за влез во универзитетите. Нивните врати сега се отворени за вакцинација на професорите и студентите, како дополнителна гаранција за подобар почеток и тек на новата академска година, чиј почеток наближува. Ви посакувам убава недела, напиша Рама. 

 Освен за оваа категорија граѓани, вакцинацијата е задолжителна и за лекарите, вработените во  администрацијата, полицијата, аптеките  и лабораториите. вт/паг/

Остани поврзан