• среда, 25 декември 2024

Во акција на „Скопска Пивара“ од дното на Охридското Езеро извадени речиси четири километри мрежи-духови

Во акција на „Скопска Пивара“ од дното на Охридското Езеро извадени речиси четири километри мрежи-духови

Охрид, 7 октомври 2024 (МИА) – Во рамки на платформата Скопско „Наша гордост, наша одговорност“ деновиве по втор пат беше спроведена акцијата за чистење на Охридското Езеро од т.н. мрежи-духови, реализирана преку активност на „Пивара Скопје“ како општествено одговорна компанија и Нурачкиот центар „Амфора“ од Охрид.

Активностите спроведени од четворица нуркачи во периодот од 1 до 4 овој месец се спроведуваа на четири локации на дното на езерото, при што во 78 нуркања се извадени вкупно 3856 метри мрежа.

„Успехот на оваа акција е потврда за нашата постојана посветеност кон заштита на природата. Овие рибарски мрежи со години се таложеле на дното на езерото, претставувајќи закана за биодиверзитетот и заштитените видови што живеат во ова уникатно природно богатство Со платформата Наша гордост наша одговорност’. ‘Скопско’ се стреми да направи значителни промени во начинот на кој се грижиме за нашите природни ресурси. Охридското Езеро е наше национално богатство, и нашата цел е да го зачуваме чисто и безбедно за идните генерации“, вели Марта Завкова, менаџер во „Пивара Скопје“.

Инаку, мрежите-духови се напуштени, изгубени или оставени рибарски мрежи кои продолжуваат да бидат стапица за риби, птици и други организми и се уште една значителна закана за кревкиот еко-систем на Охридското Езеро. Редовните акции за чистење се клучни за спречување на акумулацијата на мрежи духови. Ако овие мрежи не се отстрануваат редовно, последиците можат да бидат сериозни намалувајќи ги рибните популации и предизвикувајќи долгорочна штета на биодиверзитетот и локалната економија.

„Горди сме што сме дел од оваа иницијатива што има за цел да го зачува Охридското Езеро и неговите ендемски видови. Со заеднички сили успеавме да отстраниме значителен дел од мрежите-духови кои претставуваа закана за живиот свет во езерото. Ова е важен чекор кон обновување на подводниот екосистем“, вели Јован Секулоски од нуркачкиот клуб Амфора.

Од „Пивара Скопје“ посочуваат дека компанија ориентирана кон иднината, преку платформата „Наша гордост, наша одговорност“ ќе продолжи да дејствува во сферата на заштита на животната средина , во обид да ги обедини граѓаните, организациите и институциите кои ги делат истите вредности и заложби за одржлив развој, со крајна цел подигнување на колективната свест и движење напред кон одржливо општество. аб/са/

Фото: Скопско

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан