• сабота, 23 ноември 2024

Во Авганистан започна нова учебна година - за еден милион девојчиња забранети се училишни клупи

Во Авганистан започна нова учебна година - за еден милион девојчиња забранети се училишни клупи

Кабул, 20 март 2024 (МИА) - Во Авганистан е одржана церемонија по повод почетокот на новата учебна година, а на новинарките им беше забрането да присуствуваат на церемонијата поради, како што соопштија властите, „недостиг на соодветни места“.

Иако продолжувањето на образованието веќе трета година е забрането за повеќе од милион девојчиња, министерот за образование Абибула Ага во своето обраќање рече дека Авганистан е фокусиран на подобрување на образованието.

„Министерството за образование се обидува што повеќе да го зголеми квалитетот на верското и современото научно образование“, истакна Ага.

Тој ги повика учениците да избегнуваат да носат облека што не е во согласност со принципите на исламот.

Инаку, Авганистан е единствената земја која забранува образование на девојчиња.

Забраната наметната од талибанците дополнително ја влоши положбата на жените, бидејќи, според УНИЦЕФ, уште пред талибанското владеење, околу пет милиони девојчиња немале настава поради недостиг на капацитети и други причини.

Иако момчињата имаат пристап до образование, невладината организација „Хјуман рајтс воч“ во декември објави дека „злоставувачките“ образовни практики ги повредуваат авганистанските момчиња и дека повеќето квалификувани наставници ги напуштиле училиштата поради „регресивните наставни програми“.

Талибанската влада, по повлекувањето на американските и НАТО трупите од Авганистан, на почетокот вети поблаго владеење, но многу брзо им забрани на жените високо образование, посета на јавни места, како и повеќето работни места. ссм/

Фото: МИА архива

Остани поврзан