• сабота, 23 ноември 2024

Војната меѓу Израел и Иран ќе предизвика последици врз енергетскиот сектор

Војната меѓу Израел и Иран ќе предизвика последици врз енергетскиот сектор

Струга, 2 октомври 2024 (МИА) - Северна Македонија нема да остане имуна на последиците во енергетскиот сектор предизвикани од случувањата на Блискиот Исток и војната меѓу Израел и Иран, сметаат дел од експертите, учесници на меѓународната конференција „Енергетика 2024“, што од денеска до петок се одржува во Струга во организација на Здружението на енергетичарите на Македонија (ЗЕМАК).

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, пак, вели дека состојбата ја следат редовно и оти не очекува да има голем импакт врз регионот.

Пензионираниот професор од ФЕИТ, Вангел Фуштиќ посочува дека државата не е изолирана и оти е поврзана на европскиот електроенергетски систем.

-Се што се случува на ниво на Европа, очекувам да се случува и кај нас. Иако за нас како помала земја, ефектите ќе бидат помали, сепак се што ќе се случува во регионот ќе не тангира и нас. Тоа значи дека ќе мора да бидеме подготвени да се соочиме со реалноста да видиме како може стратешки да одговориме со предизвиците што не чекаат. Да се направи стратешка анализа каде сме со енергетските ресусрси и што може да направиме најдобро за да се подготвиме, а не да чекаме кога ќе се случи нешто тогаш да реагираме, изјави Фуштиќ пред почетокот на Конференцијата.

И професорот Константин Димитров очекува актуелната состојба да се одрази на цената на енергенсите, нагласувајќи дека цената на електричната енергија во државата треба да се зголеми.

-Стандард кога некаде врие, мора да се подигне притисокот, а тој притисок во случајот ќе се покаже со цената на енергенсите. Веднаш се очекува да порасне цената на течните горива на берзата, да надмине над 73 долари од барел. Ние ќе го платиме цехот на ова што се случува. Немирите веќе се одразија и на цената на електричната енергија во источна и југо-источна Европа, вели Димитров.

Во однос на цената на елетричната енергија и тоа што државите од Западен Балкан плаќаат поскапа струја од Западно-европските, ресорната министерка информира дека бил испратен допис до Енергетската заедница за кој се чека одговор.

-Како што знаете од 1 јануари ќе се стави новата цена за домаќинствата. Со ЕСМ ќе дискутираме, тендерот допрва треба да биде објавен од ЕВН и ќе бидат кажани количините и цените. За околу две недели ќе ги имаме и точните пресметки колку струја би требало да се увезува и цените. Моментално е 100 евра по мегават час и нема да биде како што беше 700, 500 евра по мегават час, изјави Божиновска.

За цените на електричната енергија Фуштиќ вели дека сега не може да се каже и оти тоа зависи од енергетските ресурси и набавката на електрична енергија и расположливите капацитети колку ќе бидат во состојба да произведуваат. Според него, потребна е рехабилитација на енергетската инфраструктура, односно опремата на хидроцентралите. сс/вј/

Фото: МИА

 

Остани поврзан