• недела, 22 декември 2024

Војната влијае и на психичкото здравје

Војната влијае и на психичкото здравје
Лондон, 3 март 2022 (МИА) - По две години страв и неизвесност околу пандемијата, војната е нешто што скоро никој не го посакуваше, па познавачите велат дека во овие околности негативните чувства се нормална појава. Како да си помогнете себеси? - Сосема е нормално да се чувствува вознемиреност за она што гледаме дека се случува во една европска земја, вели Алекс Бушил од организацијата за ментално здравје „Мајнд“. - Природно е - немаше да бидеш човек да не беше така, вели тој. Иако ваквата состојба не секогаш доведува до анксиозност, тоа се случува, па има неколку клучни начини како да ја избегнете, а тие вклучуваат - добро хранење, излегување надвор, „одмор“ од телефонот, повеќе време со саканите и друго. Иако ова се прилично едноставни совети, при ваков стрес може да бидат и многу корисни. - Една од клучните работи е да се држите подалеку од лошите работи секогаш кога можете... Без разлика дали тоа е „пребегнување“ кон спорт или прошетка со кучињата, тврди Алекс. Вториот чекор е самодисциплина со техники за кои знаете дека може да Ви помогнат. Директорката на сервисот за поддршка „Шаут“, Сара Кендрик, призна дека е особено загрижена за младите луѓе кои поголемиот дел од своето време го минуваат на телефон бомбардирани со вести за војната 24 часа на ден. - Децата и младите секојдневно ја изразуваат својата загриженост за војната, а некои тврдат и дека таа не им дозволува да заспијат навечер, рече таа. Препораката гласи - да го исклучите телефонот навечер и колку што е можно, да се држите настрана од вестите. - Обидете се да запомните што можете да контролирате, а секако, може да го контролирате количеството вести низ кои сурфаме и колку часови спиеме, додаде таа. Како да им помогнете на децата? Но, претераното избегнување на оваа тема може да предизвика дополнително чувство на страв кај децата, вели Ана Лемке, психолог и советник за деца во организацијата за заштита на децата - „Save the Children“. Професорката Вивијан Хил, од Британското психолошко друштво, препорачува да се разговара и да се прилагоди разговорот на возраста на детето. - Обидете се да бидете што е можно пореални. Објаснете им дека последниве години има војни низ светот кои се далеку од нас и дека тие не влијаеле на вас - тоа е добар начин да им помогнете на децата да го разберат нивото на опасност со коешто се соочуваат. Децата пред сѐ, сакаат да бидат сигурни дека се безбедни, рече таа. - Ако се загрижени за народот на Украина, разговарајте со децата за тоа како повеќето луѓе се во засолништа и подалеку од бомби, и кажете им како луѓето се преселуваат во други земји каде што е побезбедно, вели проф. Хил. Како да им помогнете на другите? Помагањето на другите е еден од петте чекори препорачани од стручњаците за подобрување на нивното ментално здравје, но и на сопственото. Бројни добротворни организации, како што се Црвениот крст, Агенцијата за бегалци при УНХЦР и УНИЦЕФ, но и поединци ширум светот повикуваат и спроведуваат собирање пари и донации. Д-р Ема Хепберн вели дека гледањето војна може да направи да се чувствувате вон контрола и треба да се сосредоточите на начините на кои може да му се помогнете на некого. - Постојат многу докази дека правењето нешто добро за други луѓе има корисно влијание врз нашето психичко здравје. Кога придонесуваме друг да се чувствува подобро, а ние сме подобро расположени, тврди таа. Потсетува дека има многу начини за тоа - дарување предмети, храна и други работи во добротворните прифатилишта. - Луѓето може да се чувствуваат беспомошни пред војната или други настани што го засегаат светот, а со изнаоѓање решенија за тоа како да им се помогне на другите ќе создадат чувство на удобност и општо задоволство, заклучи д-р Хепберн.  си/ссм/

Остани поврзан