• вторник, 24 декември 2024

Вообичаени особини на децата со висока емоционална интелигенција

Вообичаени особини на децата со висока емоционална интелигенција

Лос Анџелес, 5 февруари 2024 (МИА) - Стручњакот за родителство, Рим Рауда открива кои шест одлики се поврзани со децата кои имаат развиена висока емоционална интелигенција. Таа го проучувала однесувањето на повеќе од 200 деца и дошла до заклучок дека оние кои се високо емотивно интелигентни развиле одредени вештини, објави Си-ен-би-си.

Препознавање невербални знаци

Децата со висока емоционална интелигенција се многу успешни и вешти во разбирањето на туѓите чувства само со набљудување на нивниот говор на телото и изразите на лицето. Стручњакот советува родителите да помогнат да се изгради оваа вештина преку водење разговори со децата за нивниот ден и емоциите коишто ги забележале кај луѓето со кои комуницирале. Таквите разговори ја зајакнуваат нивната способност за „читањето на чувствата“ и нивната самодоверба во разбирањето на другите деца и луѓе.

Емпатија и сочувство

Не само што ги препознаваат туѓите емоции, туку овие деца покажуваат и грижа и им нудат помош на оние околу нив. Како пример за такво однесување, се посочува дека дете со висока емоционална интелигенција ќе се обиде да го утеши другарчето кое изгубило во игра. Ќе му / ѝ каже дека бил/-а одличен/-на и ќе праша дали сака повторно да си играат.

Полесно ги именуваат и споделуваат своите емоции

Емоционално интелигентните деца се одлични во споделувањето на своите чувства. Тие учат да ја развиваат оваа вештина и од родителите кои ќе ги истакнат своите емоции додека објаснуваат нешто. На пример, „разочаран сум што не можам да си ги најдам клучевите“ или „преоптоварен сум со работата што треба да ја направам“, појаснува Рауда.

Кога децата знаат да си ги објаснат емоциите и чувствата, многу е полесно да се дојде до решение за проблем, вели Рауда, доколку го има и треба да се реши.

Прилагодливост

Детето кое може лесно да се справи со промената на рутината или кое мирно поднесува разочарувачки вести - се смета за емотивно зрело. Затоа, детето нема да реагира бурно ако случувањата се непланирани, туку ќе ја искористи оваа промена и ќе се прилагоди за да може да го прави тоа што го сака, само под различни услови.

Добри слушатели

- Емоционално интелигентните деца можат да ги прифатат суптилните знаци што другите би ги пропуштиле. Кога слушаат за Вашиот ден, тоа е повеќе од само слушање... Детето е вистински вклучено во разговорот, ги откриваат емоциите зад вашите зборови, покажуваат љубопитност и поставуваат прашања, нагласува Рауда.

Самоконтрола

Емоционално интелигентното дете може да се справи со „големите чувства“, да останат смирени кога работите стануваат непријатни и да носат паметни одлуки. И по разочарување, овие деца остануваат мирни и продолжуваат со денот.

Сосем е нормално да се очекува дека детето понекогаш ќе се вознемири, се наведува, но важно е да може самото да си помогне и да се смири, а не да дозволи емоциите да го совладаат и да му / ѝ го поматат рационалното размислување.  си/рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан