• среда, 18 декември 2024

Вонредната седница на Советот на Град Скопје за барањето за приватните превозници најавена за 13 часот

Вонредната седница на Советот на Град Скопје за барањето за приватните превозници најавена за 13 часот

Скопје, 29 ноември 2024 (МИА) - Советот на Град Скопје, според најавите, денеска во 13 часот треба да одржи вонредна седница за предлог одлуката за зголемување на цената за изминат километар за приватните превозници. 

Тие вчера имаа средба со советничката група на ВМРО-ДПМНЕ на која беше договорено на вонредна седница на Советот да биде донесена одлука за зголемување на цената за изминат километар од 70 на 100 денари. Ваквиот предлог беше прифатлив за приватните превозници кои се откажаа од најавените блокади во понеделник и најавија дека наместо на блокади најверојатно од понеделник ќе се вклучат во сообраќај. 

- Треба да направиме координација со нашите превозници, знаете дека финансиски ние сме исцрпени. Треба да видиме дали ќе ни се исплатат средствата, да видиме што ќе каже градот во однос на ова и откако ќе ја направиме консултацијата, ќе донесеме одлука од кога ќе почнеме да возиме. Се надевам дека од понеделик наместо блокади, ние ќе бидеме на скопските улици и ќе бидеме на сервис на градот Скопје, изјави вчера Јовица Зафировски како претставник на приватните превозници. 

Приватните превозници во знак на револт ги исклучија своите автобуси од сообраќај затоа што нивното барање за зголемување на цената за изминат километар не се најде на дневен ред на седницата на Советот на Град Скопје. бак/лв/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан