• среда, 25 декември 2024

Вонреден состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ посветен на Либан (ДПЛ)

Вонреден состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ посветен на Либан (ДПЛ)

Брисел, 30 септември 2024 (МИА) - Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел за попладнево закажа вонреден онлајн состанок на шефовите за дипломатии на членките на Унијата со единствена точка на дневниот ред – актуелната состојба во Либан. 

Како што информира портпаролот за надворешни работи и безбедносна политика на Европската комисија, Петер Стано на оваа неформално заседание, шефовите на дипломатии ќе расправаат за развојот на настаните во Либан по влошувањето на состојбата на теренот. 

- Нашата порака е многу јасна, изразуваме жалење за цивилните жртви и бараме итен прекин на огнот, истакна Стано, додавајќи дека ЕУ својот став за случувањата во Либан го искажа во минатонеделната изјава на Борел. 

Стано додаде дека ова е неформално заседание на Советот за надворешни работи, па од таму на него нема да се носат никакви одлуки, туку министрите само ќе разменат мислења и ќе ги изнесат ставовите на своите земји за случувањата на теренот, со што ќе може да разговараат за реакцијата на ЕУ и следните чекори во однос на Либан, Израел и настаните во регионот. 

Во минатонеделната реакција последните случувања на Блискиот Исток, Борел порача дека секоја натамошна ескалација на конфликтот меѓу Израел и Хезболах би имала драматични последици за регионот, но и пошироко.  

- Европската Унија е крајно загрижена поради воениот конфликт меѓу Израел и Хезболах. Жалиме за високата цена што ја плаќаат цивилите, вклучително и децата и персоналот на ОН, и бараме почитување на меѓународното хуманитарно право во сите околности, наведе Борел во писмената изјава.  

Тој натаму повика на преземање итни мерки за деескалација на состојбата, прогласување ефикасен прекин на огнот, ставање крај прекуграничните закани и на целосна имплементација на Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН. Борел нагласи и дека ЕУ ја повикува меѓународната заедница да се мобилизира за поддршка на тековните дипломатски напори за постигнување мир.  

- ЕУ ја повторува својата силна поддршка на државните институции на Либан, вклучително и на либанските Вооружени сили, и е подготвена да му помогне на Либан да излезе од овој политички ќор-сокак. Земјите членки на ЕУ имаат долга традиција на поддршка на Либан. Сега кога земјата се соочува со драматични моменти, либанскиот народ може да биде уверен дека земјите членки и ЕУ ќе продолжат да го поддржуваат, додаде Борел во изјавата. сп/ 

 Фото: МИА Архива/Скриншот 

Остани поврзан