• четврток, 26 декември 2024

Вонреден Совет за надворешни работи на ЕУ посветен на состојбата на Блискиот Исток 

Вонреден Совет за надворешни работи на ЕУ посветен на состојбата на Блискиот Исток 

Брисел, 16 април 2024 (МИА) – Министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ попладнево ќе одржат вонреден состанок преку видео конференциска врска посветен на најновиот развој на настаните на Блискиот Исток по иранските напади со дронови и проектили врз Израел изминатиов викенд. 

Вонредното заседание на Советот за надворешни работи на ЕУ го најави високиот претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел во објава на платформата Икс, порачувајќи дека целта на блокот е да придонесе за деескалација на состојбата и за безбедност на регионот. 

Портпаролот на ЕК за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано вчера нагласи дека единствена точка на состанокот ќе биде најновата ескалацијата на состојбата на Блискиот Исток, како и следните чекори што ќе ги преземат ЕУ и нејзините земји членки како реакција на овие настани. 

Во официјалната реакција на случувањата на Блискиот Исток, ЕУ порача дека најостро ги осудува иранските напади со дронови и ракети врз Израел.  

- Ова е невидена ескалација и закана за регионалната безбедност. ЕУ ја повторува својата посветеност на безбедноста на Израел, се наведува во реакцијата на Унијата. 

ЕУ оцени дека оваа тензична регионална ситуација и нејзината евентуална понатамошната ескалација не може да биде во ничиј интерес, па затоа ги повика сите страни на максимална воздржаност. 

- ЕУ останува целосно посветена да придонесе за деескалација и за безбедност на регионот и за остварување на таа цел е во близок контакт со сите страни, посочи Унијата во својата реакција. 

Денешната средба на шефовите на дипломатиите на ЕУ се одржува пред дводневниот Специјален Самит на Унијата што почнува утре во Брисел. Иако, Самитот треба да биде посветен на економски и финансиски паршања, сепак се очекува на него да стане збор и за најновиот развој на настаните на Блискиот Исток. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан