Волшебната книга ,,Петте скриени светови на волшебниците" од Александар Ресавски промовирана во библиотеката ,,Феткин" во Кавадарци
- Волшебната книга ,,Петте скриени светови на волшебниците" од Александар Ресавски беше промовирана во градската библиотека ,,Феткин" во Кавадарци, јавна културна установа што минатата година одбележа 80 години постоење, како најстара институција од областа на културата во кавадаречката општина.
Кавадарци, 21 јануари 2026 (МИА) - Волшебната книга „Петте скриени светови на волшебниците" од Александар Ресавски, беше промовирана вечерва во градската библиотека ,,Феткин" во Кавадарци, јавна културна установа што минатата година одбележа 80 години постоење, како најстара институција од областа на културата во кавадаречката општина. Се работи за трета книга од серијалот „Авантурите на Виктор".
Од установата изјавија дека станува збор за возбудливо продолжение што ги води читателите во нови магични светови, полни со тајни, предизвици и незаборавни авантури.
Директорот на библиотеката, Петар Гурев истакна дека делото е во издание на библиотеката, исто како и вториот дел од серијалот.
-Ова е уште еден доказ дека горди ги поддржуваме домашното творештво и љубовта кон пишаниот збор. Континуирано даваме поддршка на роднокрајните автори и воопшто на уметноста. Ваков вид на промоции на роднокрајни автори имавме во петокот, синоќа и еве вечерва повторно. Така ќе продолжиме и во иднина, нагласи Гурев во изјава за МИА.
Промоторот на книгата, Тања Кузманов, меѓу другото, рече дека книгата ја негува љубовта кон писменоста.
-Секој дел од книгата поставува нов предизвик што го држи читателот во постојано исчекување, истакна таа.
Кузманов нагласи дека во ова дело, патувањето на гласвниот лик не е само низ фантастични простори, туку и низ сопственото растење.
-Петте скриени светови претставуваат пет различни искуства, пет животни лекции и пет чекори кон созревање, подвлече таа.
Извадоци од книгата читаше Мартина Илиевска.
Самиот автор, сподели дека после овој роман, ќе следат уште две продолженија. свд/вг/
Фото: MIA