• вторник, 12 ноември 2024

Волстрит џурнал: Саливан му предложи на Зеленски да размисли за „реалистични“ преговарачки позиции

Волстрит џурнал: Саливан му предложи на Зеленски да размисли за „реалистични“ преговарачки позиции
Вашингтон, 14 ноември 2022 (МИА) - Американскиот советник за национална безбедност, Џејк Саливан за време на неодамнешен состанок, му предложи на украинскиот претседател Володимир Зеленски, да размисли за „реалистични“ преговарачки позиции, пишува Волстрит џурнал, повикувајќи се на дипломати. Според изворите на весникот, Вашингтон го повикал Киев да покаже отвореност за идејата за преговори. „Двајца европски дипломати, запознаени со дискусиите, изјавија дека Саливан му препорачал на тимот на Зеленски да размисли за реални барања и приоритети во преговорите, вклучувајќи и повторно разгледување на нивната објавена цел... враќање на контролата врз Крим“, наведува весникот. Како што пишува весникот, сè поголем број американски функционери сметаат дека наредните недели и месеци претставуваат можност за Русија и Украина да размислат за можни преговори. Вашингтон смета дека почетокот на зимата може да биде пресвртница во конфликтот во Украина. „Поради тоа што се чини оти Украина нема да постигне позначителни успеси на бојното поле во наредните недели, американски претставници и некои од нивните европски колеги почнаа да се прашуваат кога општеството ќе почне... да бара мирно решение“, посочува весникот. Во текстот се забележува дека САД и сојузниците се загрижени оти поради поддршката на Украина, нивните резерви оружје се исцрпуваат пребрзо. - Им велиме на Украинците дека нивно е да одлучат кога ќе го сторат тоа (да започнат мировни преговори). Но, би било добро да ги започнат порано, се цитира еден од западноевропските дипломати, пренесоа дел од руските медиуми. Претходно, Зеленски потпиша указ за стапување во сила на одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина за неможност за преговори со рускиот претседател Владимир Путин. Исто така, тој изјави дека Украина нема да преговара со Русија, додека нејзин претседател е Путин. Кон крајот на октомври, рускиот претседател Путин посочи дека Русија е подготвена за преговори за Украина и го повика Киев веднаш да ги прекине сите борбени дејствија. бд/јт/

Остани поврзан