• четврток, 26 декември 2024

Водич и видео за независно живеење за млади и особено за млади со попреченост презентирани во Кавадарци 

Водич и видео за независно живеење за млади и особено за млади со попреченост презентирани во Кавадарци 

Кавадарци, 6 декември 2023 (МИА) - Водич и видео за независно живеење за млади и особено за млади со попреченост беа презентирани денеска во Кавадарци, од страна на Центар за младински активизам ,,Крик" од Скопје. Настанот беше организиран пред млади во кавадаречкиот Младински центар, кој го водат Здружението на млади ,,Креактив"  и Совет за превентива против малолетничка деликвенција (СППМД). 

Мила Карадафова Ангеловска, извршен директор во ,,Крик", говореше околу проектните активности, поддршка на младите лица со попреченост и без попреченост, меѓу 18 и 25 години, да постигнат автономија и независно живеење преку неформална едукација.

- Многу е важно да имаме што е можно поголемо осамостојување на младите, во рамките на нивните можности. Кога станува збор за лицата со попреченост, многу е важно да имаат поддршка при излегување од гломазни институции при процесот на деинституционализација и сместување во мали семејни заедници со поддржано живеење или во мали групни домови со поддршка, нагласи таа. 

Карадафова Ангеловска го потенцираше значењето на технологијата во овој процес за независно живеење на младите, без разлика дали тие имаат или немаат попреченост.  

Активностите беа во рамки на проект финансиран од Еразмус+ програмата, насловен ,,Патот кон независноста", спроведуван од ,,Крик", во соработка со партнери од земјава и странство.  

,,Крик" е организација што, меѓу другото, работи и на организирање на живот во станбени единици со поддршка, за деинституционализирани лица во Скопје. свд/дма/


Фото : МИА

Остани поврзан