• среда, 25 декември 2024

Водичот „Византиското наследство на Скопје“ на англиски јазик

Водичот „Византиското наследство на Скопје“ на англиски јазик
Скопје, 18 јуни 2020 (МИА) - Во издание на „Хаемус“ излезе водичот „Византиското наследство на Скопје“ на англиски јазик. Автор на ова најново издание на „Хаемус“ е Василка Димитровска. Водичот дава хронолошки преглед на средновековните цркви и манастири во скопскиот регион, групирани по географски целини: околу Водно, Матка и на Скопска Црна Гора. Опфатени се информации за 14 позначајни објекти во однос на нивната архитектура и уметност кои се илустрирани со фотографии и скици, а сето тоа е придружено со мапа и начините како да се стигне до нив. Даден е и тродимензионален архитектонски пресек на византиска црква за полесно снаоѓање во просторот, речник на стручни термини, како и практични совети за посетителите. -Византиската уметност и архитектура, од моментот кога е создадена, привлекува голем интерес насекаде каде што постои. Со оглед на големиот интерес за средновековниот период, се наметна потребата од создавање на практичен водич за византиското наследство на Скопје. Нашите византиски цркви кои се добро сочувани и за среќа лесно достапни, се предизвик и инспирација за сите посетители. Се надевам публикација од ваков вид ќе биде одличен извор на информации за истражувачите, туристичките водичи, но и за верниците кои сами ги посетуваат нашите средновековни храмови, вели Василка Димитровска од „Хаемус“. Од „Хаемус“ информираат дека книгата може да се набави во печатена форма во книжарниците, а достапна е и во електронска верзија. Проектот е реализиран со кофинансиска поддршка од Градот Скопје во рамките на нивната годишна програма за култура. ир/дма/

Остани поврзан