• среда, 27 ноември 2024

„Водени предели: Импресии од патувања и култури“ - изложба во КИЦ

„Водени предели: Импресии од патувања и култури“ - изложба во КИЦ

Скопје, 22 октомври 2024 (МИА) - Во Културно-информативниот центар (КИЦ) - Скопје вечер ќе биде отворена изложбата на акварели „Водени предели: Импресии од патувања и култури“ од Симонида Филиповa и Ари де Гоеш. 

Според КИЦ, изложбата е фузија на многугодишните искуства и посветеноста кон уметноста на двајца артисти, претставена во форма на уникатен дијалог помеѓу нивните рафинирани техники и емотивни изрази. Тие ја доловуваат флуидноста и постојаната трансформација на пејзажите со кои се сретнале и на влијанијата од културите што ги апсорбирале на секое место при своите патувања.

-Симонида, позната по нејзината техничка сензитивност, користи енергични потези и живописна палета на бои за да создаде апстрактни форми кои одекнуваат како импресии од нејзината културна траекторија. Водената боја, применета со мајсторство, им овозможува на нејзините композиции да бликаат со својата длабочина и динамика, додека транспарентноста меѓу слоевите создадава игра на светлина и сенка која го предизвикува гледачот да погледне под површината. Нејзиното широко искуство како визуелен уметник е очигледно во богатите детали на формите и нејзината способност да го преведе со совршена прецизност хаосот и енергијата на урбаните и природните пејзажи кои ја инспирирале. Од друга страна, Ари де Гоеш се фокусира на едноставноста на пејзажите во форма на елегантни полуапстракции, каде што рафинираната техника е фундаментална за постигнување на посакуваната леснотија и спокојство. Неговата прецизна употреба на техники базирани на вода, комбинирана со поедноставување на формите, ги облагородува пејзажите со контемплативен карактер, дозволувајќи му на гледачот да се нурне во спокојот на неговите композиции. Преку транспарентноста и суптилните контрасти, Ари ги претвора обичните сцени во длабоки визуелни рефлексии, велат од КИЦ.

Технички, изложбата „Водени предели“ открива уникатна хармонија помеѓу гестуалната експресивност на Симонида и контемплативната леснотија на Ари де Гоеш. Двајцата уметници се потпираат на различни културни влијанија за да ги компонираат своите апстрактни пејзажи, каде што транспарентноста, суптилните или енергичните потези и интеракцијата меѓу боите и формите се истакнуваат. Апстракцијата е заедничка нишка која овозможува личните искуства од патувањето и интроспекцијата на секој уметник да се соединат во визуелен дијалог. мч/вг/

фото: КИЦ

 

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан