• недела, 24 ноември 2024

ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе два амандмани на Предлог-законот за субвенциониран студентски оброк

ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе два амандмани на Предлог-законот за субвенциониран студентски оброк
Скопје, 17 ноември 2022 (МИА) - Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе поднесе два амандмани на Предлог закон за субвенциониран студентски оброк, предложен од страна на владејачкото мнозинство, соопшти на денешната прес-конференција пратеникот на оваа партија Бојан Стојаноски. - Првиот амандман е за зголемување на средствата за студентски оброк од 120 денари, како што предлага мнозинството, на 160 денари, додека пак вториот е за продолжување на рокот до крајот на учебната година, наместо до март 2023 година, како што предлага мнозинството, рече Стојаноски, кој воедно е и претседател на Комисијата за финансирање и буџет на која на дневен ред е ставен овој предлог-закон. Тој посочи дека јавноста и студентите мора да знаат дека овие нивни предлози, пратеници од мнозинството ги одбија во изминативе денови. - Но, еве уште една можност власта да се вразуми и да ги прифати нашите амандмански интервенции на Предлог-законот за субвенциониран студентски оброк. Доста е од разно-разни лажни работни групи, средби, преговори, договори и преддоговори. Сега е време власта да покаже на дело дали за нив студентите се на врвот на приоритетната листа или пак се наоѓаат на самото дно заедно со останатите групи и категории на граѓани, рече Стојановски. Опозицискиот пратеник најави „жестока дискусија и аргументирана расправа“ од страна на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „за одбрана на интересите и потребите на студентите“. - Власта барем денеска, на Меѓународниот ден на студентите, мора да сфати дека студентите се темелот на иднината на државата. Власта барем денеска, мора да покаже дали заложбите и намерите им се искрени и вистински или пак празни и лажни, рече Стојаноски. фф/сп/

Остани поврзан