• сабота, 23 ноември 2024

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека Џафери неделовнички го одложил гласањето за уставни измени

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека Џафери неделовнички го одложил гласањето за уставни измени

Скопје, 21 август 2023 (МИА) - ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека претседателот на Собранието Талат Џафери спротивно на Деловникот за работата на Собранието ја одложи точката за гласање за потребата од отворање на Уставот.

- Според Деловникот гласањето мораше да се случи во петокот, кога беше завршен претресот и имаше обезбедно кворум за гласање, рече на прес-конференција во Собранието пратеникот на ВМРО ДПМНЕ Миле Лефков.

Џафери, според него, го примени членот 165 став 1 од Деловникот, иако тој регулира постапка за измени на закон, а не за измена на Устав, за што има и посебна глава во Деловникот.

-Наместо тоа Џафери мораше да ги примени членовите 95 и 96 од Деловникот, според кои не смее да се одложи гласање за измена на устав, рече Лефков.

Според пратеникот, Џафери свесно го прекршил Деловникот за работата на Собранието, за да им овозможи на ДУИ и СДСМ да останат на власт ден повеќе.

-Џафери е ставен во улога на спасител на владините фотељи, прекршувајќи правни акти и процедури. Свесен е дека кога и да се стават уставните измени на гласање тие ќе пропаднат, но и дека после тоа не останува ништо освен одење на избори, затоа Џафери одолговлекува, рече Лефков. 

Претседателот на Собранието Џафери најави дека ќе одговори на овие обвинувања на прес конференција закажана за 13 часот. 

Седницата за утврдување на потребата за уставни измени се одржа на 18 август, согласно роковите, но пратениците не гласаа. Заврши по говорот на последниот пријавен за збор и со најава од Џафери дека седницата ќе продолжи кога ќе се создадат услови за гласање. ев/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан