• четврток, 19 декември 2024

ВМРО-ДПМНЕ и Левица повикуваат на воведување една изборна единица, СДСМ е за политички дијалог за изнаоѓање решение

ВМРО-ДПМНЕ и Левица повикуваат на воведување една изборна единица, СДСМ е за политички дијалог за изнаоѓање решение
Скопје, 23 март 2022 (МИА) - СДСМ се крие зад ДУИ кога се работи за промена на изборниот модел со една изборна единица, изјави денеска во Собранието Дајанчо Ефтимов, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, додека од Левица сметаат оти СДСМ ги кочи измените на Изборниот законик иако уште во 2016 ветуваше една изборна единица. Пратеничката Снежана Калеска - Ванчева од СДСМ пак потенцира дека партијата и натаму смета оти една изборна единица е подобро модел за нас како општество и за овој степен на развој на парламентарната демократија, но и за претставеноста, особено за помалите политички партии. Според Ефтимов, ДУИ има јасна цел овој процес воопшто да не почне со што процедурата во Собранието би била блокирана. - СДСМ знаејќи го тоа повикува на консензус од сите партии иако знае дека тоа е невозможно, рече Ефтимов. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, нагласи тој, даде безусловна поддршка за почнување на дебата во Собранието и затоа го повикува СДСМ јасно да каже дали ќе го исполни ветувањето дадено пред граѓаните или „ќе продолжи да се крие зад ДУИ“, која јасно кажа дека „нема да дозволат Македонија да биде една изборна единица“. Од Левица денеска преку соопштение потсетија дека собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците ја утврди потребата од донесување на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Изборниот законик, со кој се предвидува воспоставување на една изборна единица на целата територија на државата. - Но, тоа ништо не значи, бидејќи албанските политички партии не се согласуваат со Предлогот на законот, а исто така и пратениците од СДСМ изјавија дека не се подготвени да го поддржат истиот, доколку не наиде на поддршка од коалицискиот партнер ДУИ, се наведува во соопштението од Левица. Во интерес на зајакнување на демократските капацитети на државата, Левица ги повикува помалите политички партии, кои се дел од парламентарното мнозинство, да покажат дека не функционираат како полтронски партии и доколку овој Предлог на закон не се усвои, да го напуштат парламентарното мнозинство. Според оваа партија, сегашниот систем де факто е нефункционален бипартиски систем, кој не го одразува вистинското политичко расположение кое владее меѓу народот. Пратеничката Калеска-Ванчева потенцира дека СДСМ се уште смета оти една изборна единица е „подобро за нас како општество“ и за овој степен на развој на парламентарната демократија, но и за претставеноста, особено за помалите политички партии. - Сакаме сега да се отвори ова прашање, за да има доволно време и да можат да се искристализираат некои работи, додаде Калеска-Ванчева. Во однос на предложеното законско решение за една изборна единица таа потсети дека тоа е програмска определба на СДСМ уште во политичката програма од 2016 година, а истото е преточено и во програмата од 2020 година. Таа наведе дека веќе имале еден обид за отворање дискусија за една изборна единица, но тогаш ВМРО - ДПМНЕ го блокираше процесот. - Добро е што сега се премислија и имаме консензус како најголеми политички партии, заедно со помалите политички партии, ова прашање да се отвори како што доликува, а тоа е во Собранието на Република Северна Македонија, изјави Калеска-Ванчева. На новинарско прашање како ќе ги убедат ДУИ да се согласат на решение за една изборна единица, Калеска-Ванчева нагласи дека СДСМ се залага за вистински дијалог за постигнување решение. Пратеничката оцени дека е неопходен политички дијалог за кое било законско решение, особено за вакви крупни решенија. - Станува збор за промена од шест изборни единици, сега предлагаме една изборна единица и ова не е техничка измена. За ваква промена, тврдиме дека е потребен поширок консензус и се надеваме на вистински дијалог и јавна дискусија. Дали на крајот ќе се согласиме сите, треба да оставиме времето да покаже бидејќи во таа широка јавна дискусија ќе можат да говорат и експерти, луѓе кои професионално се занимаваат со вакви теми, да видиме компаративни искуства, да направиме анализи што и како се случувало претходно и што би можело да очекуваме како рефлексија доколку одиме на систем на една изборна единица, рече таа, додавајќи дека однапред не може да се каже оти тоа е најдобриот модел. цр/сп/

Остани поврзан