• среда, 18 декември 2024

ВМРО-ДПМНЕ и Европскиот фронт договориле поддршка за измените на Законот за органите на државната управа

ВМРО-ДПМНЕ и Европскиот фронт договориле поддршка за измените на Законот за органите на државната управа

Скопје, 7 јуни 2024 (МИА) - ВМРО-ДПМНЕ вечерва соопшти дека е постигнат договор за поддршка на измените на Законот за организација на работата на органите на државната управа со Европскиот фронт. Пратениците од коалицијата предводена од ДУИ, како што стои во соопштението, ќе гласаат за измените. На средбата било договорено и во догледно време да се формира ад хок комисија со претседател, предлог на опозицијата, која ќе ја следи правичната застапеност на сите етнички заедници во органите на државната управа и за својата работа два пати годишно да го информира Собранието. 

Како што информира ВМРО-ДПМНЕ, по консултациите и постигнатиот договор меѓу пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и пратеничките групи на коалицијата ВРЕДИ и партијата ЗНАМ, денеска се одржала средба и о коалицијата Европскиот фронт. На средбата присуствувале Александар Николоски, Владо Мисајловски, Никола Мицевски и Стефан Андоновски, а од коалицијата Европски Фронт беа присутни Мендух Тачи, Блерим Беџети, Фатон Ахмети, Елми Азири.

- На средбата се разговараше за предложените измени на Законот за организација на работата на органите на државната управа при што од страна на ВМРО-ДПМНЕ беа образложени измените на законот којшто треба да донесе поголема ефикасност, транспарентност и реформи, како и рационализација. Законот е работен со поддршка на меѓународните партнери на државата и е дел од ИПА програмата на Европската Унија. Претставниците на коалицијата Европски Фронт изразија поддршка за измените на законот и информираа дека ќе гласаат за усвојување на законот, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ и Европскиот фронт.

На средбата, како што се наведува, се разговарало и за меѓусебниот дијалог помеѓу власта и опозицијата при што било прифатено барањето на коалицијата Европски Фронт во догледно време Собранието да формира ад хок комисија со Претседател предлог на опозицијата, којашто ќе ја следи правичната застапеност на сите етнички заедници во органите на државната управа и за својата работа два пати годишно ќе го информира Собранието. ев/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан