ВМРО-ДПМНЕ: Градежништвото со 14,6 отсто раст во четвртиот квартал двигател на економија, капиталните инвестиции клучни и раст на БДП од 3,5 отсто во 2025 година
- Македонската економија заздравува и се движи во добра насока, поставените цели и проекции се остваруваат. Сериозниот пристап и внимателното проектирање и водењето на економските политики ги даваат своите резултати, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, што МИА го објавува интегрално.
Скопје, 4 март 2026 (МИА) - Македонската економија заздравува и се движи во добра насока, поставените цели и проекции се остваруваат. Сериозниот пристап и внимателното проектирање и водењето на економските политики ги даваат своите резултати - се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, што МИА го објавува интегрално.
Најновите податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека минатата година ја завршивме со раст на БДП од 3,5 %, а во четвртото тримесечје растот на економијата изнесува 3,8 %.
Растот на економската активност во четвртиот квартал е на широка основа, а посветеноста на Владата за реализација на капиталните инвестиции доведе до силна динамика на растот на градежништвото, кој достигна 14,6 %, а се должи на зголемената активност во нискоградбата, која забележа реален раст од 12,5 % во четвртиот квартал.
Висок раст од 8,1 % е забележан кај стручните и научните дејности, во трговијата и транспортот 4,4 %, 3,6 % раст во преработувачката индустрија, 2,7 % во дејности со недвижен имот и така натаму.
Позитивно влијание врз економската активност имаше и нето-извозот, така што извозот на стоки и услуги порасна за високи 9,7 % на реална основа, а увозот за 3,3 %, и ова упатува на понатамошно закрепнување на извозната активност почната од почетокот на годината по намалувањето во изминатите години.
Од друга страна, поддржана од растот на платите, приватната потрошувачка остана стабилна со реален раст од 2 %.
Овие бројки не се обични проценти, туку тие се јасни показатели, кои претставуваат потврда за добро планираните и спроведени политики, кои доведоа до позитивните економски движења во земјата.
Исто така, покажуваат континуитет во остварувањето позитивни резултати во економијата, кои создаваат услови за постигнување повисоки стапки на раст, кои ќе доведат до подобар животен стандард.
Од преземањето на одговорноста ВМРО-ДПМНЕ да ја води Владата, веќе шест квартали по ред македонската економија бележи позитивен раст на БДП од 3 или над 3 %.
Фото МИА архива