• среда, 27 ноември 2024

„Влен“ со заеднички центар за комуникации, не е исклучена можноста пред локалните избори да стане еден политички субјект

„Влен“ со заеднички центар за комуникации, не е исклучена можноста пред локалните избори да стане еден политички субјект

Скопје, 29 јули 2024 (МИА) - Коалицијата „Влен“ денеска официјализираше уште еден заеднички орган, односно Центарот за комуникации. За заеднички портпарол на коалицијата е избран Фари Хисени, додека координатор-организациски координатор ќе биде Аљби Ќамиљи.

Центарот за комуникации, кој е составен од четири члена - претставници од партиите во коалицијата, е посветен на управување и подобрување на комуникацијата внатре и надвор од коалицијата.

- Центарот за комуникации ќе биде главниот механизам за комуникација на коалицијата со јавноста. Меѓу другите надлежности се и развивање на комуникациски стратегии, мониторинг на случување, организирање на промотивни активности, управување, развој и надзор на платформите на социјалните медиуми, рече Хисени.

На денешниот брифинг со новинарите беше промовирана и новата заедничка веб-страница која, како што соопшти Хисени, е создадена да ги задоволи потребите за комуникација и транспарентноста на коалицијата „Влен“.

На новинарско прашање околу најавата на „Влен“ за создавање на Албанска академија на науки и уметности, Хисени рече тие стојат на нивното предизборно ветување иако има реакции од другите политички партии и институции.

- Може да има реакција, но ние стоиме на нашето ветување како што било предизборно и ние се залагаме албанскиот гласач и албанскиот граѓанин да биде задоволен од нашето управување, од нашето владеење. 57 години Албанците чекале простор и отворена врата од МАНУ, но таа досега била затворена и затворен бил пристапот за албанските интелектуалци и академци. Тоа тера на паралелизам, а целта ни е да имаме интеграција внатре во државата  а не да се двоиме, да се парираме и серегираме. Додека се затворени вратите, ние сме обврзани да одиме кон пристап  и овозможување простор на албанските интелектуалци, уметници и академци да го развиваат нивното знаење. А, тоа е еден чекор кој го подобрува високото образование во албанскиот дел, рече Хисени.

На прашањето дали има можност коалицијата „Влен“ пред локалните избори да стане еден политички субјект, Хисени одговори оти е неопходно што поскоро коалицијата да се претвори во една политичка партија.

Во врска со тоа дали почнале со анализите кој би бил лидер на политичкиот субјект „Влен“, Хисени рече дека за нив е поважна благосостојбата на граѓаните и доброто владеење и не им е важно кој од лидерите на четирите политички партии би бил претседател. фф/бак/

Фото: Коалиција „Влен“

 

 

Остани поврзан