• недела, 24 ноември 2024

Влатко Стефановски на регионална турнеја

Влатко Стефановски на регионална турнеја
Скопје, 1 јули 2021 (МИА) - Музичкиот уметник со светско реноме, гитаристот Влатко Стефановски тргнува на регионална турнеја. На концертите, покрај добро познатите хитови, ќе претстави и ново, реномирано студиско издание на „Taftalidza Shuffle“. Подмладената тројка, која покрај Влатко ја сочинуваат неговиот син, Јан Стефановски на тапани и Иван Кукиќ на бас гитара, ќе ја започнат својата летна турнеја денеска во Панчево, по што ќе заминат за Хрватска. Триото Влатко Стефановски в петок ќе настапи во Загреб на „Бундекфест“, а следниот ден во Осијек. Турнејата продолжува на 4 јули со концерт во Палиќ, по што следат настапи во Трогир на 9 јули, во Шибеник на 10 јули и на Брач на 11 јули. Словенечката публика ќе има можност да види концерт во Нова Горица, на 17 јули, додека на 20 јули, Влатко Стеафановски ќе настапи во Будва, на култната манифестација „Град Театар“. На 30 јули ќе има голем концерт на стадионот „Ташмајдан“ во Белград. Како што соопшти „Croatia Records“, Влатко Стефановски покажа ненадмината техника и уникатен сензибилитет подеднакво успешно во етно и рок, но и во блуз, фанк и џез - жанрови кои го обликуваа неговиот музички пат и го обележуваа како уметник. Во текот на својата кариера, Влатко ја делеше сцената со најголемите гитаристи во светот, вклучувајќи ги Томи Емануел, Јан Акерман и Сточело Розенберг, а регионалната публика секогаш покажуваше длабока почит и интерес за неговата музика. Најновиот студиски албум „Taftalidza Shuffle“, објавен под закрилата на „Croatia Records“, кој Влатко Стефановски ќе го претстави на претстојната турнеја, со месеци го држи врвот на продажните листи за компакт-дискови и винили. Публиката на концертите на Стефановски ќе ја има можност да слушне и дел од новиот материјал на гитаристичкиот виртуоз од светски калибар. мд/са/

Остани поврзан