• четврток, 26 декември 2024

Власта смета дека единството се прави во законодавниот дом, опозицијата останува на ставот за обединување

Власта смета дека единството се прави во законодавниот дом, опозицијата останува на ставот за обединување
Скопје, 15 февруари 2022 (МИА) – Единството и застапувањето на нашата држава се прави во законодавниот дом, а не со еднострани декларации, истакна вчера премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање како го коментира повикот на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски за национално обединување, кога се во прашање интересите на државата, кој, пак, истакна дека остануваат со подадена рака до власта за обезбедување национално единство и консензус по однос на прашањата од државен и национален интерес. Лидерот на опозицијата Мицкоски претходно, на партиски настан, истакна дека суштински е важно, кога во прашање е државава, да има единство, повикувајќи го претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на „единство и обединување кога станува збор за земјава“. – Суштински важно е кога во прашање е Македонија, да има единство. Впрочем ударите се кон нашиот дом кој е се за едно семејство. Свесен сум дека во ситуација кога нашиот дом е во прашање, единството е поважно од секоја една наша внатрешна разлика која ја имаме во овој заеднички дом. Свесен сум, но и загрижен за тоа дали и премиерот на Македонија е свесен за истото. И затоа сакам да му порачам дека ВМРО, и историски, и суштински. И денес политички е вграден како еден од најважните стожери и столбови на нашиот дом- Македонија. И кога ќе се најде оваа влада пред ударите кон нашиот дом, ВМРО-ДПМНЕ нуди единство, договор за она што е наш заеднички супстрат и поддршка за заштита на националните, стратешки и државни интереси на нашата Македонија, кажа Мицкоски. Според Ковачевски, со тоа само се попречува процесот на разговори што се водат со Софија во духот на европските вредности – Таа изјава сметам дека воопшто не е искрена, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период единствено нешто што прави е креирање хистерија во однос на разговорите што се водат со Бугарија, исто така во рамки на подготовките за работните групи што ги формиравме со бугарскиот премиер и членовите на нивната Влада заедно со нашата Влада ние упативме покана и до опозицијата, при што таа беше одбиена, оцени Ковачевски. Во однос на единството, додаде Ковачевски, единството и застапувањето на нашата држава се прави во законодавниот дом, што претставува дом на сите граѓани, што се застапени од пратениците, и доколку ВМРО-ДПМНЕ мисли дека со еднострани декларации со што единствено се попречува процесот на разговори, што се водат во духот на европски вредности, и на задржување на достоинството на сите граѓани, дека ќе помогне, тие го прават токму спротивното. За тоа кога ќе се сретне со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, како што најави при преземањето на премиерската функција, Ковачевски вели дека таа средба ќе се случи и јавноста ќе биде навремено информирана. Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера во Кавадарци изјави дека како партија сè уште остануваат со подадена рака до власта за обезбедување национално единство и консензус по однос на прашањата од државен и национален интерес. - Јас не очекувам од луѓето кои се слепи следбеници на „Заевизмот“, една политика која е жестоко поразена на изминатите локални избори на двапати ќе бидат рационални и ќе се издигнат над ситуацијата и ќе застанат еднаш во одбрана на македонското национално достоинство и да ги штитат македонските вредности. Јас подадов рака, таа рака сè уште е подадена, стојам на располагање. Секогаш кога ќе треба да се обезбеди единство, заедништво, консензус, тука сме да зборуваме пред отворени врати, пред камери ако треба, на една отворена средба, да не се криеме. Немаме ние што да криеме. Зошто да криеме 5+1, 3+2, 2-3, и така натаму, рече Мицкоски на новинарско прашање за коментар во врска со неговиот повик за градење национално единство упатен до премиерот Ковачевски. Според него, конечно треба да престанеме да се делиме и да се обединиме околу тоа што значат државни и национални интереси. ар/нд/    

Остани поврзан