• недела, 24 ноември 2024

Власта и опозицијата се обединија во одбрана на антифашистичките вредности врз кои се темели државава

Власта и опозицијата се обединија во одбрана на антифашистичките вредности врз кои се темели државава
Скопје, 18 октомври 2022 (МИА) - Пратениците од власта и опозицијата во Собранието едногласно дадоа поддршка по скратена постапка да бидат донесени законските решенија со кои се забранува формирање здруженија и партии со спорни имиња и идеологии. Со 84 гласа „за“ и ниту еден против или воздржан, пратениците од власта и опозицијата дадоа поддршка по скратена постапка да се донесе Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации, поднесен од ВМРО-ДПМНЕ. Но, исто така едногласно, со вкупно 76 гласа „за“, беше дадена поддршка по скратена постапка да се донесе и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии, поднесен од пратеници од СДСМ. Предлогот кој се однесува на здруженијата го образложи пратеничката Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ, напоменувајќи дека со него би требало да се стави крај на отворање здруженија и фондации чии програми, цели, дејности и дејствувања се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на земјава, кон поттикнување и повикување на воена агресија, како и кон разгорување национална, расна, верска омраза или друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка, поттикнување и одобрување фашизам, нацизам, национал-социјализам и третиот рајх, како и преземање активности поврзани со тероризам или активности спротивни на Уставот. -Последниве седум месеци сме сведоци на отворање т.н. културни клубови под називи на контроверзни личности, нацисти и фашисти. Со овој закон би требало да се стави крај на отворање вакви здруженија и фондации. Со измените се предлага како име, скратено име и/или назив на организација да не можат да бидат употребувани имиња, презимиња, прекари, псевдоними, кратенки и иницијали на лица кои по било кој основ, начин или форма во минатото се поврзани со расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстреминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал-социјализам и третиот рајх“, истакна Мизрахи. Според предложениот текст, организации, здруженија, фондации, сојузи и други форми на здружување регистрирани согласно одредбите на Законот за здруженија и фондации се должни во рок од три месеци од стапување во сила на законските измени, да го усогласат своето име и/или назив, цели и дејности согласно наведените одредби. Пратениците, исто така едногласно, со вкупно 76 гласа „за“, без ниту еден против или воздржан, дадоа поддршка по скратена постапка да се донесе и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии, поднесен од пратениците од владејачките партии. -Во вакви услови на провакции кои предизвикуваат крајно негативни чувства кај граѓаните, предлагаме законот да се донесе во скратена постапка. Апсолутно, да нема никакви дилеми, немаме против никакво здружување, но мора да застенеме во одбрана на нашите темели, а тоа се антифашистичките вредност. Предлагаме, политичките партии во своите програми да не можат да бидат насочени кон разгорување омраза, етничка или каква било друга нетрпеливост, ширење фашизам, нацизам, рече координаторот на СДСМ Јован Митрески, образложувајќи го Предлогот. Предложените законски измени на двете партии следат по отворањето бугарски клубови во земјава со имињата „Ванчо Михајлов“ на 16 април во Битола и „Цар Борис Трети“ на 7 октомври во Охрид. Пред извесен период Министерството за правда доби задача да направи нов закон за граѓански здруженија и организации, поради, како што оцени премиерот Димитар Ковачевски, постојното либерално законодавство во однос на формирање граѓански организации и здруженија. Отворањето на клубот го осудија премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи кои оценија дека тоа е провокација која оди на штета на бугарската заедница во земјава. Според Ковачевски, реакцијата за ова треба да биде упатена на адреса на основачите на клубот кои се вели, македонски граѓани. Министерот за надворешни работи Османи, пак, истакна дека правото на здружување е неприкосновено, но името не е во согласност со втората точка од Конвенцијата за заштита на малцинства, тоа да се прави во духот на дијалог и пријателство, бидејќи ова име ниту помага во пријателството, туку напротив е основа за раздор и нетрпеливост. Претседателот Стево Пендаровски, минатата недела изјави дека во Законот за здруженија постои член по кој може да се преиспита работата на постојните здруженија. Комисијата за заштита и спречување од дискриминација (КСЗД) во петокот утврди дискриминација по основ на национална и етничка припадност за основањето на здружението Културен центар „Ванчо Михајлов“ – Битола. КСЗД утврди и индиректна дискриминација извршена од страна на Министерството за правда, поради пропуштање на извршување на своите законски надлежности, со коишто му овозможиле на Здружението да врши дејствија спротивни на Законот. Здружението Културен центар „Иван Михајлов“, воедно, е должно во одреден рок да ги отстрани сите спорни елементи во статутот и програмата, што предизвикуваат вознемирување, утврди во петокот Комисијата и препорача до Министерството за правда во даден рок да изврши надзор над законитоста на примената одредба на Законот за здруженија и фондации. Комисијата вчера соопшти дека „најостро реагира“ за говорот на омраза кој содржи закани за физичка ликвидација на нејзиниот член Весна Бендевска, извршено на двата профила на лицето Виктор Стојанов, претседател на Фондацијата Македонија од Софија, на социјалната мрежа Фејсбук, со став дека тоа не само што поттикнува насилство од омраза кон член на КСЗД, кој е избран државен функционер, туку претставува и обид да се изврши влијание врз независноста на Комисијата во целост. Како што информираа од КСЗД, во неговите објави поставена е фотографија од Бендевска со навредувачка, но и поттикнувачка содржина за нејзина ликвидација. Во коментарите предизвикани од објавата се издвојуваат и повеќе заканувачки содржини. – За ова, КСЗД го извести МНР, односно Тематската подгрупа за говор на омраза која е во рамки на Меѓуресорската работна група за политичка координација за спроведување на мерките од протоколот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија, формирана со одлука на Владата и очекува соодветна институционална реакција, наведуваат од КСЗД.. Ваквите објави, за кои Комисијата смета дека не само што спаѓаат во говор на омраза што поттикнува насилство од омраза кон член на КСЗД, туку претставува и обид да се изврши влијание врз независноста на Комисијата во целост, следеа по прес – конференцијата, во која беа објавени Мислењето и препораките по однос на претставката поднесена од „Сојузот на борците од народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941 – 1945 година и граѓаните продолжувачи – Општински одбор – Битола“, против Здружението „Културен центар Иван Михајлов – Битола“, одржана во петокот. Премиерот Димитар Ковачевски, во одговор на новинарско прашање вчера даде коментар на изјавите на одредени бугарски историчари, дека македонскиот преродбеник Кирил Пејчиновиќ бил Бугарин, а по повод канонизацијата на Кирил Пејчиновиќ во Лешочкиот манастир, рече дека историчарите треба да се занимаваат со историјата, а политичарите со политиката. Тој оцени дека на тој начин ќе имаме и добри добрососедски односи и побрз напредок на државата во полноправно членство во ЕУ.  

– Јас присуствував на вечерната богослужба по повод канонизацијата на Кирил Пејчиновиќ и тоа беше еден исклучително свечен свет настан на којшто присуствуваа голем број на граѓани во Лешочкиот манастир. Таму имаше граѓани од повеќе делови на државата, имаше граѓани од различна политичка провиниенција бидејќи бев и јас, меѓутоа и претставници на политички партии, четири владици… И тоа беше чин со којшто ние го негуваме нашето и духовно и културно наследство македонско. Тоа што некој сака да провоцира тоа е негов проблем. Ние точно знаеме што е нашата историја. Ние точно знаеме што е нашата култура. Ние точно знаеме што е нашиот македонски јазик сега веќе признат во целата Европска Унија. Во тоа наскоро ќе се уверат сите граѓани кога ќе го потпишеме договорот Фронтекс со ЕУ и со македонски идентитет веќе преговараме со ЕУ, нагласи Ковачевски.  

Тој повтори дека комуникацијата помеѓу државите се одвива на официјално ниво помеѓу претставници на институциите, значи луѓе од политиката, меѓутоа, вели, „секогаш постојат и други интереси, други личности кои сакаат да ги нарушат односите помеѓу две држави и обично со свои изјави предизвикуваат негативни чувства, предизвикуваат нешто што вие го нарекувате и јас го нарекувам провокација“. -Треба да бидеме смирени, бидејќи имаме многу јасна преговарачка рамка со ЕУ каде што историските прашања за коишто сега ме прашавте се дел од работата на историската комисија во која што има 14 историчари по седум од двете страни и тие историчари заедно со консензус мора да ги донесат сите решенија. Значи, не може без кој било од тие историчари што се во комисијата да се донесе кое било решение и јас на историчарите им препорачувам тие да се занимаваат со историјата, политичарите ќе се занимаваат со политиката и на тој начин ќе имаме и добри добрососедски односи и побрз напредок на државата во полноправно членство во ЕУ, истакна тој. нд/бак/  

Остани поврзан