• четврток, 26 декември 2024

Владина делегација предводена од премиерот Ковачевски положи цвеќе на споменикот на светите Кирил и Методиј во Охрид

Владина делегација предводена од премиерот Ковачевски положи цвеќе на споменикот на светите Кирил и Методиј во Охрид

Скопје, 24 мај 2023 (МИА) - Во чест на одбележувањето на 24 Мај - Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј, владина делегација предводена од претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со министерот за образование и наука, Јетон Шаќири и министерката за одбрана, Славјанка Петровска, денеска положија свежо цвеќе и оддадоа почит на споменикот на светите браќа Кирил и Методиј на градскиот плоштад во Охрид.

На настанот организиран со високи државни почести, соопштија од владината прес-служба, цвеќе положија и официјални делегации од Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, Собранието на Република Северна Македонија, делегација на Армијата на Република Северна Македонија, на Сојузот на борците од НОАВМ, на дипломатскиот кор, претставници на политички партии и други институции.

Владата на Република Северна Македонија годинава, преку низа настани, организира свечено одбележување на 24 Мај - Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј во Охрид, со кои им оддаваме чест за нивната непроценлива хуманистичка и просветителска мисија. 

Како што се наведува во соопштението од Кабинетот на Пендаровски, претставник од Кабинетот на претседателот вчера положи цвеќе и пред споменикот на светите Кирил и Методиј во универзитетскиот кампус „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. вг/цр

Фото: Влада на Република Северна Македонија

Видео:Влада на Република Северна Македонија

Остани поврзан