• недела, 24 ноември 2024

Владиката Партениј и монашките заедници од Бигорски, Рајчица и Пречиста на именденското празнување на вселенскиот патријарх

Владиката Партениј и монашките заедници од Бигорски, Рајчица и Пречиста на именденското празнување на вселенскиот патријарх

Дебар, 11 јуни 2023 (МИА) - Престолнината на Православието, главниот град на некогашната славна Византиска Империја, Константинопол, кој според одредбите на светите Вселенски собори е Првиот престол на Православието и место каде што пребива Великата Христова Црква, повторно беше средоточие во кое притекнаа стотици верни за да бидат дел од прославата на споменот на Светите Апостоли Вартоломеј и Варнава и именденот на Неговата Божествена Сесветост, Архиепископот на Константинопол – Нов Рим и Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј, инфомираа од Бигорскиот манастир.

Додаваат дека архиереи, клирици, монаси, верни чеда од целата православна екумена, пристигнаа за да ги слеат своите молитви во славниот и сечесен Патријаршиски манастир посветен на Живоприемниот Источник на Пресвета Богородица – Балаклија. Тоа е местото каде што Сесветиот Вселенски Патријарх, на денот на споменот на светите апостоли Вартоломеј и Варнава, традиционално го прославува својот именден.

-Ликуваше древниот и славен храм на Мајката Божја, оддавајќи му достојна почит на Првојерахот во православната Црква, кој ревносно, со света одговорност и со свештена посветеност ја пази чистотата на православната вера и го чува свештениот поредок во Црквата Божја. Ликуваа сите присутни, бликајќи со небоземна радост, торжествуваше целата православна заедница, изразувајќи му ја соборната љубов на својот Првопрестолен Патријарх – една искрена и топла љубов, која извира од смирението и почитта кон Светите Отци на Вселенските собори, нагласуваат од манастирот.

На ова празнично торжество, со благослов надлежниот митрополит г. Тимотеј, му се придружија и монашки заедници од манастирите: Бигорски, Рајчица и Пречиста, предводени од возљубениот ни Старец, Епископот Антаниски г. Партениј.

- Огромна е нашата благодарност што, еве, вторпат, по одлуката на Вселенскиот Патријарх да ја врати Охридската Архиепископија во канонско единство со целата православна полнота, можеме да бидеме дел од оваа вселенска радост. Со посебна љубов ги причисливме нашите молитви кон соборот на верните и оддадовме почит, изразувајќи ја нашата синовска љубов и благодарност кон Таткото на Православните, честитајќи му го неговиот именден. На свеченото празнување, како претставник на нашиот почитуван Архиепископ, присуствуваше митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф, кому му беше укажа посебна чест од страна на Неговата Сесветост, наведуваат од Бигорскиот манастир.

Посебна, пак, радост на Вселенскиот Патријарх му предизвика и пеењето на хорот „Митрополит Козма Пречистански“, придружувани од музичарите Петар Христов и Влатко Затаратоски, кои по Вечерната богослужба го збогатија празничното торжество со неколку изведби на традиционални народни песни со православна содржина, веселејќи ги сите присутни во дворот на манастирот Балаклија.

Со навечерието на споменот на Светите Апостоли Вартоломеј и Варнава започнува именденскиот празник на Сесветиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј, кој ќе продолжи и во текот на денешниот ден, со Божествената Литургија во богочуваниот Фанар, во срцето на Православието. вт/мд/

Остани поврзан