• недела, 17 ноември 2024

Владејачкото мнозинство во Прилеп со одлука побара издавање обврзници од 5 милиони евра, опозицијата остро се противи

Владејачкото мнозинство во Прилеп со одлука побара издавање обврзници од 5 милиони евра, опозицијата остро се противи

Прилеп, 31 март 2023 (МИА) - Прилепскиот совет ја донесе одлуката да се издаде општинска обврзница со што Прилеп се задолжува за 5 милиона евра. Мнозинството советници на вчерашната целодневна седница ја донесе одлуката да почне постапката за издавање општинска обврзница.

Како што објаснува претседателот на Советот Дејан Проданоски, почнува постапката низ сите институции да се проследи информацијата за солвентноста на буџетот на Општината.

-Ќе побараме емисија на општински обврзници во висина од 5 милиона евра. За оваа сума се предвидени да се изработат три клучни проекти, оние кои како владејачко мнозинство ги најавивме со предизборната програма. Сметаме дека ова е единствениот извор на финансирање да се изведат проектите, изјави по седницата Проданоски.

Станува збор за проектите за изведба на кружен тек на мостот на Градската река кај Табаана, за пробивање на улицата „Победа“ како важна поврзувачка артерија на два дела од градот и за уредувањето на влезот во Прилеп од кај Македонски Брод. Советот ѝ даде зелено светло на општинската администрација да ја подготви сета придружна документација согласно со законот за давање вакви обврзници.

-Тоа се околу 17 точки кои треба да бидат исполнети и по извесен период очекуваме Владата да донесе одлука за издавање вакви обврзници или хартии од вредност кои би биле пуштени на пазарот за хартии од вредност. Процесот би одел најмалку 5-6 месеци. По одобрувањето, имаме грејс период од седум години кога ќе се плаќа само каматата за потоа да се плати главниот долг од 5 милиона евра, вели Проданоски.

Советниците од опозициската СДСМ остро се спротивставија на одлуката и поведоа долга расправа, нагласувајќи дека е крајно неодговорно и лудо што граѓаните долгорочно се задолжуваат.

-Уште од првичната најава на градоначалникот Борче Јовчески за издавање на обврзница, ставот на советничката група на СДСМ и коалицијата беше јасен и принципиелен: издавањето на обврзница од 5 милиони евра, која заедно со каматите ќе ја достигне сумата од 7,5 милиони евра, е крајна неодговорност и лудост. За изградба на инфраструктурни објекти од типот на кружни текови и улици, општината треба да изработи проекти со кои ќе аплицира во домашни и странски институции и фондови. Факт е дека Јовчески не го направи тоа и дека својата неспособност сака да ја прикрие со огромно финансиско задолжување на грбот на прилепчани, нагласи Моника Грашеска Илиеска, координаторка на советничката група од СДСМ.

Претседателот на Советот и претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Проеданоски, рече дека сегашната опозициска СДСМ, а пред година и половина на власт, ја оставила локалната самоуправа во сериозно незавидна финансиска состојба со долгови од 292 милиона денари.

-Сметаме дека сега, со очекувани финансиски приливи во општинскиот буџет ќе се поправи финансиската состојба. Има можности во наредниот период издавање нови концесии за експлоатација на минерални суровини и ќе се слеат средства во општинската каса, па доколку дозволи Министерството за финансии издавање општински обврзници, може да се скрати рокот на сервисирање на задолжувањето, вели Проданоски.

Од опозиционата СДСМ информираат дека преку разни форми ќе продолжат да укажуваат на штетноста која градот и граѓаните ќе ја имаат од милионското задолжување, со надеж, како што се вели во нивното соопштение, дека градоначалникот Јовчески и ВМРО-ДПМНЕ ќе се вразумат и ќе се откажат од нивната намера. ем/вг/

 

Фото извор МИА

 

Остани поврзан