• сабота, 23 ноември 2024

Влада: Целта на одлуката за пренамена на објектот на тетовска „Стара медицина“ е подобрување на услугите за граѓаните на Тетово

Влада: Целта на одлуката за пренамена на објектот на тетовска „Стара медицина“ е подобрување на услугите за граѓаните на Тетово
Скопје, 26 август 2022 (МИА) - Во врска со денешната најава на градоначалникот на Тетово, Биљал Касами дека ќе ја тужи Владата „за незаконска одлука и решение со кое една од зградите од училишниот комплекс познат како „Стара медицина“ се дава на трајно користење на Агенцијата за катастар на недвижности“, од Владата информираат дека ваквата Одлука е донесена врз основа на барање на Агенцијата за катастар, затоа што досегашните простории не се адекватни за реализација на работните задачи и процедури, имајќи го предвид соодносот на бројот на вработени и просторните услови. Од Владата посочуваат дека во досегашните простории не постојат услови за чување на архивските материјали, катастарските збирки на исправи, катастарската документација, како и другиот архивски материјал и овој материјал бил сместен во подрумските простории на трговскиот центар во Тетово, кои и во изминатиот период неколку пати биле поплавувани. - Имајќи предвид дека катастарската документација спаѓа во категоријата на архивска граѓа од трајна вредност, треба да се обезбедат простории со соодветни услови кои ќе овозможат заштита и чување на катастарската документација. Дополнително, досегашните просторни услови воопшто не се соодветни за пристап за повозрасните лица како и за лицата со попреченост и инвалидитет што е спротивно на политиката на Владата за да се олесни комуникацијата на институциите со сите граѓани, се наведува во владината реакција. Од Владата посочуваат дека при носење на вакви решенија нејзина политика останува заложбата за достапност на услугите што се во рамки на делување и дејствување на органите, кои се во состав на државната управа. - Со оваа одлука се подобруваат услугите за граѓаните на Општина Тетово, односно се овозможуваа тие брзо и навремено да ги добиваат услугите кои им се потребни и истовремено се овозможува подобри услови за работа на вработените во Агенцијата за катастар на недвижности. Ве информираме дека зградата која е предмет на оваа реакција е сопственост на Република Северна Македонија и за недвижноста нема прибелешки, односно не е дадена на користење на друга институција. Оттаму, согласно закон, Владата на Република Северна Македонија ја донесе одлуката за давање на трајно користење на оваа недвижност на Агенцијата за катастар на недвижности. Остануваме посветени на политиките за еднаква достапност на услугите за сите граѓани, се наведува во реакцијата на Владата. Касами денеска на прес-конференција обвини дека Владата со оваа одлука го прекршила Законот за основно и средно образование, како и дека Општина Тетово воопшто не била консултирана за неа. Според Касами, во 2004 година се направени измени во Законот за средно образование, со кои сопственоста и недвижниот имот на средните училишта се пренесува на локалната самоуправа, односно на општините. - Во член 112 став 1 од Законот за средно образование се вели: Сопственоста на училишните објекти и имотот на средните училишта, од став 1 на овој член, со одлука на Владата ја презема општината, изјави Касами, според кого, со Одлуката за давање на објектот на трајно користење на Агенцијата за катастар на недвижности, Владата не само што го прекршила Законот за средно образование, туку ги погазува и сопствените одлуки. Тој побара Владата итно да ја преиспита оваа одлука, објаснувајќи дека зградата на медицинското училиште може да се користи исклучиво за образовни цели, а никако за друга намена. Во објектите на „Стара медицина“ се одвива настава на паралелките по македонски јазик при гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“. сп/

Остани поврзан