Влада: Со Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка се дава зелено светло за дополнителен антикорупциски механизам
- Со изгласувањето на овој закон, соопшти вечерва Владата, се дава зелено светло за воведување на дополнителен антикорупциски механизам во законодавството, со цел да се постигнат поголеми резултати во борбата со корупцијата и организираниот криминал, односно поефикасно справување со неказнивоста и нелегалното стекнување имот.
Скопје, 28 февруари 2024 (МИА) - Собранието на Република Северна Македонија денеска го усвои Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка, кој беше подготвен на иницијатива на заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.
Со изгласувањето на овој закон, соопшти вечерва Владата, се дава зелено светло за воведување на дополнителен антикорупциски механизам во законодавството, со цел да се постигнат поголеми резултати во борбата со корупцијата и организираниот криминал, односно поефикасно справување со неказнивоста и нелегалното стекнување имот.
- Овој закон не претставува замена за конфискацијата во кривична постапка, туку е дополнителен помошен инструмент и механизам. Особено е важно што со законот се предвидува можност конфискуваниот имот во граѓанска постапка да биде даден на користење за остварување на социјалните потреби и цели во општеството, се вели во соопштението од владината прес-служба.
Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка, како што се појаснува, цели кон заштита на јавниот интерес на Република Северна Македонија на начин што се оневозможува каква било корист од имот, за кој, во постапката согласно овој закон, ќе се утврди дека не бил стекнат од законски извори. Со овој закон, се подвлекува во соопштението, се ограничува правото на сопственост во согласност со Уставот, законот и меѓународните стандарди и праксата на ЕСЧП за овој вид на конфискација.
Изработката на Законот, како што појаснуваат од Владата, започнала со нацрт текст заснован на физибилити студија и анализа на состојбите и моделите на конфискација во модерните правни системи, која била подготвена во соработка со Советот на Европа, по што следувала формална изработка на Предлог законот од страна на работна група составена од претставници на релевантните домашни институции. цр/бак/
Фото: МИА архива