• петок, 27 декември 2024

Влада: Се очекува утре да бидат дефинирани финалните законски одредби за набавка на лекот „Трикафта“

Влада: Се очекува утре да бидат дефинирани финалните законски одредби за набавка на лекот „Трикафта“

Скопје, 16 февруари 2023 (МИА)  - Владата информира дека се очекува утре работната група да ги дефинира финалните предлог законски одредби, со кои државата ќе биде во можност преку директни преговори со производителот на лекот да ја набавува потребната терапија и да ги обезбеди пациентите кои боледуваат од цистична фиброза со лекот „Трикафта“.

Од владината прес-служба информираат дека процесот е пред финална фаза откако на денешниот работен состанок во Владата на кој присуствуваа стручните советници на премиерот, претставници на Фондот за здравствено осигурување на РСМ, Клиниката за детски болести, Министерството за здравство, од фармацевтската индустрија како и од Асоцијацијата за цистична фиброза, членовите го дале своето видување и придонес во однос на предлог измените на потребните законски решенија со кои се регулира и овозможува системско планирање и системско решение за болните од цистична фиброза.

На состанокот, заедно со Асоцијацијата за цистична фиброза е дискутирана и тригодишната Програма за пациенти со цистична фиброза со која ќе се обезбеди буџетска предвидливост и соодветно планирање на набавките, со што, потенцираат од Владата, се обезбедува сигурност за пациентите во иднина. Разговараното решение е по европски стандарди определени за овој тип лекови и третман на болеста, посочуваат од Владата.

Оттаму велат дека дискусијата за измените на законските решенија се одвиваат паралелно со набавката на лекот за најкритичните пациенти кои боледуваат од цистична фиброза, за чија намена од Фондот за здравство минатата недела биле одобрени над 2,2 милиони евра.

-Во соработка со сите релевантни институции во најкус рок беа завршени сите постапки со кои се овозможува непречена итна набавка на лекот „Трикафта“, а испораката на лекот за овие пациенти се очекува да биде извршена од страна на добавувачот, во најбрз можен период, не подолг од 30 дена, согласно процедурите за работа на самиот производител и добавувач, а врзани со спецификите на самиот лек, информираат од Влада.свс/лв/

 

 

Остани поврзан