• четврток, 26 декември 2024

Влада: Владините политики потврдени од „Фич“, подобрeн изгледот на кредитниот рејтинг

Влада: Владините политики потврдени од „Фич“, подобрeн изгледот на кредитниот рејтинг

Скопје, 15 април 2023 (МИА) - Агенцијата „Фич“ го ревидираше изгледот на кредитниот рејтинг на земјава во стабилен, давајќи потврда на политиките што се спроведуваат, информираат од Владата.

-Отпорноста на домашната економија кон влијанијата на глобалната пандемија и конфликтот во Украина, како и макроекономската стабилност која се одржува со кредибилна и кохерентна финансиска политика конзистентна со долго одржуваниот фиксен девизен курс овозможија Република Северна Македонија да добие кредитен рејтинг „ББ+“ со подобрен изглед во стабилен, посочуваат од Владата.

Нагласуваат дека ревидирањето на изгледот на кредитниот рејтинг за Владата е особено значајно бидејќи претставува потврда за спроведувањето на добри политики во услови на глобална ценовна и енергетска криза.

-Во извештајот „Фич“ го истакнува намалувањето на буџетскиот дефицит на 4,5 отсто од БДП во 2022 година од 5,4 отсто во 2021 година како клучен фактор за стабилниот изглед. Очекувањата на Агенцијата се дека дефицитот дополнително ќе се намали при што во 2024 година ќе достигне 3,2 отсто од БДП како резултат на намалување на мерките за енергетската криза, даночните прилагодувања, како и заживувањето на економијата, прецизираат од Владата.

Дополнително, додаваат, Агенцијата очекува ублажувањето на цените на храната и енергијата да ја намали инфлацијата на 4,1 отсто во 2024 година.

Според „Фич“, позитивен придонес кон зајакнување на фискалната консолидација, што би придонело кон намалување на буџетскиот дефицит и стабилизирање на долгот, ќе даде поддршката на ММФ преку Инструментот за ликвидност и претпазливост.

-За Владата е особено значајно што од Агенцијата нотираат дека почетокот на интегративниот процес со ЕУ ќе ја зацврсти политиката, ќе го поддржи извозот и приливот на странски директни инвестиции, што може позитивно да влијае на зголемување на рејтингот во иднина. Кредитниот рејтинг позитивно влијае врз одлуките за инвестирање во една земја, што пак понатаму има влијание врз зголемувањето на економскиот раст, зголемувањето на извозот, како и врз зголемувањето на вработеноста и на платите, што е приоритет и за Владата, се вели во соопштението од Владата.вј/цр/

 

Фото: МИА архива

Остани поврзан