• сабота, 23 ноември 2024

Влада: Автопатот Кичево - Охрид  е приоритет и продолжува да се гради

Влада: Автопатот Кичево - Охрид  е приоритет и продолжува да се гради

Скопје, 28 декември 2023 (МИА) - Владата, на денешната седница, ја разгледа и усвои и Информацијата за Договорот за изградба на автопат А2, делница Кичево – Охрид. Притоа, потврдено е дека изградбата на автопатската делница Кичево - Охрид е приоритет. И Владата, преку Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта е определена да се продолжи со нејзината доизградба, како дел од европскиот Коридор 8, информира владината прес-служба.

Владата ги овластила Кабинетот на заменикот претседател на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта, да отпочнат преговори со изведувачот, за склучување анекс на договор, за продолжување рок за изведба, со искористување на веќе обезбедените финансиски средства за доизградба на автопатот Кичево – Охрид. Истовремено, нагласуваат од Владата, изведбата на делницата, ќе продолжи во континуитет да се реализира.

-Одлуката е донесена по Информацијата од Јавното претпријатие за државни патишта, базирана на доставени наоди од Главен Надзор и Надзор на тунел, дека поради реални причини, има потреба од продолжување на крајниот рок, 31 декември 2023 година, за изведба на градежните работи на овој автопат, а при тоа земајќи го предвид фактот за досега реализираниот висок степен на физички извршените работи и решени отворени прашања, велат од Владата.

Првичниот проект за автопатот Кичево - Охрид, како што е оценето, беше со бројни пропусти во проектирањето, но, како што се нагласува во соопштението од денешната владина седница, со фокус на Владата и надлежните институции кон важноста на делницата, во голем дел тие се надминати и како што е оценето, во континуитет се создаваат услови за негово завршување. сст/дма/

Фото: МИА архива

Остани поврзан