• четврток, 26 декември 2024

Владата ја ограничи профитната маржа за училишниот прибор

Владата ја ограничи профитната маржа за училишниот прибор

Скопје, 3 септември 2024 (МИА) – Владата донесе одлука за ограничување на највисоката трговска или профитна маржата за училишниот прибор и тоа на 5 отсто за големопродажба и 10 отсто за малопродажба, информира премиерот Христијан Мицкоски.

Како што истакна на денешната прес-конференција во Владата, ограничувањето на маржата е во рамките на мерката „Помалку трошоци, повеќе за тебе! Се грижиме“, што беше донесена на денешната седница на Владата.

-Владата донесе одлука за помош на сите семејства што имаат ученици со цел да се намалат трошоците за набавка на училиштен прибор. Оваа мерка е директно насочена кон подобрување на животниот стандард и економската состојба на илјадници македонски семејства, рече Мицкоски.

Владата донесе одлука за ограничување на највисоката трговска или профитна маржата за училишниот прибор и тоа на 5 отсто за големопродажба и 10 отсто за малопродажба, информира премиерот Хрис

Нагласи дека се ограничува профитната маржа за тетратки, ранци, боички, пластелин, подлоги, фломастери, маркери, мрсни боички, акрилни, водени бори, четки, линеари и дидактички материјали, острилки, гуми за бришење, детски ножици, футроли, училишни додатоци, шестари, дигитрони, компаси, креди, табли, чаши за прибори, држачи и други производи потребни за учениците. Ограничувањето, како што кажа, ќе значи пониски цени и пристапност на училишната опрема за сите граѓани.

-Владата ќе продолжи посветено да работи за подобрување на условите за живот. Бидете убедени дека ќе продолжиме да работиме во интерес на сите граѓани, порача Мицкоски.

Во анализата што ја направиле за цените на училишниот материјал, како што прецизира, заклучиле дека многу цени се производ на монопол или дуопол со што продажните цени се двојно поголеми отколку увозните. Потсети дека увозната цена за маркери е 60,1 денар, а во малопродажба е 130 денари,..., моливи - увозна цена 54,1 денар, а се продаваат по 120 денари, тетратките А4 имаат увозна цена 40,1 денар, а малопродажна 85 денари,...     

Најави дека и понатаму ќе има ограничувања на маржите и профитот на поединци кои, како што кажа, генерираат високи профити и со тоа ја стимулираат инфлацијата.

Прашан дали смета дека не се задоцни со оваа мерка, бидејќи голем дел од родителите веќе набавиле училиштен прибор, Мицкоски рече дека мерката не е задоцнета.

-Секогаш може нешто да се направи поинаку, порано или подоцна. Сепак, секоја мерка е добредојдена за буџетот на семејството. Откако беше констатирана состојбата во малопродажбата веднаш се реагираше и откако се увиде дека се двојно повисоки цените во малопродажба од увозните на денешната седница се донесе оваа мерка. Убеден сум дека ќе заштеди најмалку половина од буџетот на семејствата иако има и такви кои обезбедиле дел од училишниот прибор. Но, во периодот што следи ќе има и други вакви мерки кои ќе значат заштита на есенската кошничка, па потоа може да биде зимска и така натака. Континуирано ќе се ажурираат мерките и производите кои ќе бидат дел од тие мерки, посочи Мицкоски.вј/са/

Фото: Влада  

Остани поврзан