• среда, 18 декември 2024

Владата со препораки до граѓаните и работодавачите по најавите за нов топлотен бран

Владата со препораки до граѓаните и работодавачите по најавите за нов топлотен бран

Скопје, 18 јуни 2024 (МИА) - Владата на Република Северна Македонија, на барање на Министерството за здравство, донесе препораки во врска со новиот топлотен бран што се очекува од утре да ја зафати целата држава, откако од Институтот за Јавно здравје и метео-алармот на УХМР се добиени информации дека од утре до 23 јуни (недела), целата територија на Република Северна Македонија ќе биде зафатена од топлотен бран од портокалова фаза.

Во препораките што ги усвои Владата на денешната седница за намалување на ризиците од високите температури, се предвидува ослободување од работните обврски на најранливите групи население, односно бремените жени и лицата на возраст над 60 години, а во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот.

Исто така, Владата препорачува единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица, бездомни лица.

Во денешното соопштение од владината прес-служба се додава дека со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, Владата ги потсетува работодавачите на обврската за почитување на законските прописи од оваа област. сст/аа/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан