• сабота, 16 ноември 2024

Владата на Косово е во постојан контакт со САД и ЕУ во врска со распоредувањето на српските сили

Владата на Косово е во постојан контакт со САД и ЕУ во врска со распоредувањето на српските сили

Приштина, 30 септември 2023 (МИА) – Косовската Влада  соопшти дека „внимателно и будно ги следи последните случувања во врска со движењето на воените единици на вооружените сили на Србија во правец на граничната линија со Косово и е во постојан контакт со САД и земјите од ЕУ во врска со таа сериозна закана од Србија“.

Констатирано е дека воените единици на српските вооружени сили вчера распоредиле свои воени и жандармериски капацитети во 48 напредни оперативни бази долж граничната линија со Косово, неколку километри длабоко на територијата на Србија, а тоа распоредување опфаќа и распоредување на противвоздушни системи и тешка артилерија.

„Многупати изразивме загриженост за постоењето на тие 48 бази на српската војска и жандармерија и укажувавме на веќе докажаниот факт дека тие бази служат како поддршка за можна воена агресија врз Република Косово“, се вели во соопштението на Владата.

„Владата на Косово е во постојан контакт со САД и земјите од ЕУ во врска со оваа сериозна закана од Србија, а реакцијата на САД на овој агресивен пристап на Србија беше непосредна и директна“, се вели во соопштението.

Владата на Косово го повикува претседателот на Србија Александар Вучиќ и институциите на Србија „итно да ги повлечат сите воени трупи од граничната линија со Косово и да затворат и демилитаризираат 28 напредни воени бази и 20 бази на жандармеријата кои претставуваат постојана закана за нашата земја“.зш/

Остани поврзан