• четврток, 26 декември 2024

Владата донесе одлука за кризна состојба поради пожарите во траење од 30 дена

Владата донесе одлука за кризна состојба поради пожарите во траење од 30 дена

Скопје, 13 јули 2023 (МИА) - Владата вечерва донесе одлука за постоење кризна состојба поради зголемена појава на пожари на територијата на Република Северна Македонија.

На седницата, која се одржа вечерва, поради топлотниот бран и состојбата со пожарите, Владата одлучи кризната состојба да биде во траење од 30 дена.

Како што информираат од Владата, Министерството за внатрешни работи се задолжува да ангажира полициски сили во функција на поддршка при гасење на пожарите.

Министерството за здравство и здравствениот персонал од општа и медицина на трудот се задолжуваат да бидат во приправност за времетраењето на кризната состојба, додека Министерството за финансии се задолжува да обезбеди дополнителни наменски финансиски средства доколку за тоа се покаже потреба.

-Да се информираат претседателот на Република Северна Македонија и Собранието на Република Северна Македонија за донесената Одлука за постоење на кризна состојба заради зголемена појава на пожари на територијата на Република Северна Македонија, согласно член 31 од Законот за управување со кризи. За операционализација на Одлуката за постоење на кризна состојба заради зголемена појава на пожари на територијата на Република Северна Македонија, а врз основа на дадениот предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, Владата на Република Северна Македонија му предлага на претседателот на Република Северна Македонија да одлучи за учество на дел од припадниците на Армијата на Република Северна Македонија (вид и број на сили и капацитети на армиските единици, намена и задачи за кои се бараат и времетраењето на активноста и ангажираноста на армиските единици), во справувањето со кризната состојба, наведуваат од Владата.

Главниот штаб за управување со кризи при Центарот за управување со кризи Владата го задолжи да ги следи состојбите, да координира со активностите и редовно да ја информира Владата.

-Главниот штаб при Центарот за управување со кризи веднаш да започне со подготовка на акциски план за превенција и справување со пожарите, како и целосен преглед на расположливи човечки и материјално – технички ресурси и план за координирано дејствување, нагласуваат ид Владата.

Истовремено, Владата упати апел до граѓаните за внимателност при движењето во шуми и шумските појаси и областите зафатени со пожари.

-За ова, се задолжува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во соработка со Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Национални шуми“ - П.О. Скопје, за наредната седница на Владата да информира за состојбите и потребата од ограничување на движењето на лица во шумите и шумските појаси, наведуваат ид Владата. ац/

Остани поврзан